
Пратеникот и заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска изјави дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со своите изјави за набавката на хеликоптерите „Леонардо“ потврдил дека постојат сомнежи за криминал и корупција во периодот на владеењето на СДСМ.
Петрушевски рече дека вредноста на набавката, која ја спроведувала поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, првично изнесувала 213 милиони евра, но во 2024 година, за време на техничката влада, била зголемена за дополнителни 37 милиони евра.
„И тука Филипче јасно и гласно посочи дека станува збор за кривично дело и дека треба да се истражи. И му благодариме за признанието“,рече Петрушевски на прес-конференција.
Тој го повика Филипче да одговори и на други прашања, меѓу кои како добил, како што рече, „златна виза“ за Дубаи, како користел автомобил од фирма што добила тендер за ископ на јаглен, како и за измените на Деталниот урбанистички план во Дојран, поврзани со изградба на фотоволтаична централа на фирма за која Петрушевски тврди дека е поврзана со братот на Филипче и братот на поранешниот премиер Зоран Заев.
„Има многу признанија кои Филипче треба да ги истакне во јавноста, но се надеваме дека ова е само почеток и го охрабруваме да не молчи. Вистината излегува на виделина“, порача Петрушевски.























