
Вишиот јавен обвинител од Битола, против кого Обвинителството поведе постапка поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание, е лишен од слобода, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР денеска до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднел кривична пријава против П.В. (61) од Прилеп, поради сомнение дека го сторил кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“.
Според МВР, П.В., во својство на виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Битола, во повеќе наврати влијаел врз одлуките на други јавни обвинители со цел да бидат изречени поблаги казни за сторителите.
При претрес во неговиот дом во Прилеп и во службените простории што ги користел биле пронајдени и одземени шест мобилни телефони, едно УСБ и еден персонален компјутер.
Обвинителството претходно соопшти дека постојат основи на сомнение дека осомничениот го користел своето влијание и службената положба за недозволено да влијае врз одлучувањето на колеги обвинители и судии во најмалку четири предмети.
Според Обвинителството, тој ургирал за пониски казни или за поповолна положба на осомничени или обвинети лица во кривични постапки.
За осомничениот е предложено одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности, односно негово оддалечување од работното место.
Текстот Приведен вишиот обвинител од Битола, при претресите одземени шест телефони и компјутер е превземен од МАКФАКС.























