
„Шест години во Ѓорче Петров стои базен во кој единственото нешто што никогаш не стигна е вода. Изградбата започна во февруари 2020 година, во дворот на ООУ Димитар Поп Георгиев Беровски. Шест години подоцна, ветувањето остана заглавено меѓу бетон, челична конструкција, ветувања, рокови и партиски прес-конференции“, велат од партијата Левица.
„ДПМНЕ одамна доброволно ја презеде одговорноста за неговото довршување, па Министерството за спорт уште кон крајот на 2024 година најави дека ги презема закочените базени, а Борко Ристовски потоа лично го стави и базенот во Ѓорче Петров меѓу проектите што неговото Министерство наводно ги откочило.
На 30 јуни 2025 година Ристовски отиде и чекор понатаму и јавно соопшти дека петте базени, меѓу кои и оној во Ѓорче Петров, се во „напредна фаза на изградба“ и дека ќе бидат пуштени во употреба до крајот на летото 2025 година. Летото заврши. Помина есента, зимата, пролетта, уште едно лето, но базенот во Ѓорче Петров и понатаму е без пливачи, ученици и без датум кога конечно ќе профункционира.
Оттука, приказната за “наследени проекти“ веќе е политички безвредна. Не може една власт година и пол да се фали дека нешто го откочила, да го брои меѓу сопствените инфраструктурни успеси, да ветува конкретен рок за отворање, а потоа кога рокот ќе помине повторно да го враќа часовникот во 2020 година и да покажува кон СДСМ.
Крајно неодговорно е молчењето на градоначалникот Александар Стојкоски. Базенот е во Ѓорче Петров, треба да им служи и на учениците од општината, а локалната власт одамна требаше јавно да каже што е преземено за неговото идно стопанисување и одржување. Наместо тоа, имаме совршена партиска симбиоза – министерот го користи објектот кога треба да набројува „резултати“, градоначалникот се фотографира со спортска инфраструктура кога е завршена, а кај базенот што со години стои празен одговорноста мистериозно исчезнува.
Една цела генерација ученици порасна додека политичарите го „почнуваа“, „откочуваа“ и „довршуваа“ истиот базен.
Базенот сѐ уште стои недовршен, а токму истиот е надеж за пливачките клубови и пливачите кои останаа без пристапни услови за тренинг по затворањето на базенот „Борис Трајковски” земајќи ги и предвид енормно високите цени на Олимпискиот базен.
Затоа, Министерството за спорт и Општина Ѓорче Петров нека одговорат на едноставни прашања: Зошто базенот не беше пуштен во употреба до крајот на летото 2025 како што јавно вети Ристовски, колкава е реалната физичка и финансиска реализација денес, што точно останува да се изгради, кој ќе управува со него и кој е новиот рок за отворање?
Шест години се сменија власти, директори, се отвори министерство, прес-конференции и рокови, а базенот остана ист – сув“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Текстот „Шест години, две власти и еден сув базен Ѓорче Петров – СДСМ го остави како градилиште, ДПМНЕ го претвори во реквизит за вечни прес-конференции“, велат од Левица е превземен од МАКФАКС.























