Холандскиот премиер Марк Руте вчера изјави дека ноќниот полициски час во земјата мора да важи најмалку до 31 март, поради континуираниот голем број нови случаи на коронавирус.

Исклучоци ќе бидат направени за време на националните избори од 15 до 17 март.

– Не би било разумно да се најави некакво ублажување, рече Руте додавајќи дека некои прилагодувања може да бидат можни околу велигденските празници и постепено со зголемувањето на бројот на вакцинации во текот на летото.

Инфекциите со коронавирусот во Холандија се стабилизираа во текот на минатата недела, по умерениот пораст во февруари, делумно припишан на фактот дека новите мутации на вирусот станаа позастапени.

Полицискиот час од 21 до 4:30 часот предизвика неколкудневни немири низ целата земја кога за првпат беше воведен пред шест недели.

На рестораните и баровите може да им биде дозволено да почнат да им служат клиенти на тераси на отворено од следниот месец ако стапката на инфекција падне во следните три недели, рече Руте.

Јавните собири сè уште се забранети, а приватните посети се ограничени на едно лице истовремено.

Владините совети против непотребните меѓународни патувања ќе останат во сила најмалку до 15 април, додаде тој.

Баровите и рестораните во Холандија се затворени од средината на октомври, заедно со други јавни места, како што се музеи, библиотеки, спортски сали и кина.