Трет ден трае штрајкот на работниците во комуналната служба за собирање отпад и на возачите на трамваи, а Загреб полека „тоне во хаос“.

„Контејнерите за отпад пукаат по рабовите, а на улиците гозба имаат враните и стаорците“, пишува порталот „Данас“.

Во меѓувреме, Жупанискиот суд во Загреб денеска пресуди дека штрајкот на работниците на „Чистоќа“ е незаконски организиран. Клучен за ваквата пресуда е договорот од јули годинава, со кој всушност бил продолжен претходниот колективен договор.

Поради тоа, во моментот кога бил започнат штрајкот сè уште важел периодот на социјален мир, па судот оценил дека штрајкот бил предвремено започнат и оттаму незаконски, објави порталот „Индекс“.

Претседателот на Синдикатот на комуналните работници и возачите во „Чистоќа“, Мумин Хоџиќ, изјави дека и денеска низ градот има 20 возила, додека неколку работници со две возила се на платото во Јакушевец, превентивно, за да не дојде до пожар поради големото количество отпад.

Владимир Јозиќ, претседател на Синдикатот на возачите и сообраќајните работници на ЗЕТ, во изјава за Хина потврди дека денеска ќе испратат свој претставник во арбитражната комисија, која треба да утврди кои работи се неопходни да продолжат да се извршуваат за време на штрајкот. Сепак, тој истакна дека суштината е да се постигне договор со работодавачот.

„Уште денеска можеме да се сретнеме, или кај нас во ЗЕТ или во Градската управа. Никаде не води тоа тие или ние да стоиме пред камерите и да даваме изјави. Во интерес на граѓаните е да постигнеме договор“, рече Јозиќ, повторувајќи го повикот до градоначалникот Томислав Томашевиќ за разговор, пренесе „Б92“.

Текстот Загреб затрупан со отпад по три дена штрајк е превземен од МАКФАКС.