
По иницијатива на Уставниот суд на Македонија, а со поддршка од уставните судови на Србија и Босна и Херцеговина, се формира Охридски форум за дијалог за поголема доверба во уставното судство.
Станува збор за платформа за регионална соработка, размена на искуства и унапредување на принципите на независност, транспарентност и ефикасност на уставните судови.
„Целосната содржина и принципите врз кои се основа Охридскиот форум: Поаѓајќи од определбата дека довербата во уставните судови е највредниот капитал што може да го поседува еден уставен суд, заклучивме дека: изградбата на довербата во уставното судство претставува системско прашање кое бара ангажман како од самите уставни судови и судии, така и од политичките субјекти, медиумите, научната и стручната јавност. Издвоени се три принципи кои можат да придонесат за унапредување и зголемување на довербата: независност; транспарентност и ефикасност. Овие три принципи можат да се остваруваат преку внатрешните напори на судовите, но истовремено во голема мера зависат и од постапувањето на надворешните чинители“, соопштија од Уставен суд.
Она што секој суд може да го направи заради јакнење на сопствената независност и намалување на политичките влијанија врз неговата работа, се додава во соопштението, е зајакнување на личниот интегритет на судиите, а преку него и на институционалниот интегритет на Судот во целина.
„Една од мерките е донесување Кодекс на однесување на судиите, кој ќе содржи универзални уставносудски стандарди, како и негово доследно почитување. Ограничувањето на надворешните влијанија се постигнува и преку висок степен на стручност и компетентност на секој судија поединечно, што подразбира постојано унапредување на знаењата и вештините. Во поглед на транспарентноста, клучен елемент за зголемување на довербата на граѓаните е приближувањето на работата на Судот до јавноста, а особено обезбедувањето достапност на неговите одлуки. Начините за постигнување на оваа цел се различни и зависат од правната традиција на државите и од културата на отвореност на самите судови. Тие можат да опфатат континуирано објавување соопштенија со објаснувања разбирливи за пошироката јавност, брифинзи со судиите, присуство на медиумите на седниците, директни преноси од седниците на Судот, поединечни јавни настапи на судиите во медиумите, како и присуство на соодветни социјални мрежи“, се наведува во соопштението.
Кога станува збор за јавните настапи на судиите, доколку Судот веќе практикува или се определи за ваков вид комуникација со јавноста, особено треба да се нагласат одредени ограничувања во нивните изјави, меѓу кои се: забрана за дискусија за тековни предмети; забрана за прејудицирање на исходот на тековни и идни постапки; избегнување ad hominem обраќања воопшто, а особено кон судии или други личности од јавниот живот и зачувување на кредибилитетот и институционалниот авторитет на Судот.
За доследно остварување на независноста, се наведува во соопштението, потребно е и соодветно буџетско и институционално уредување.
„Особено е важно судовите да работат во полн состав, судиите да бидат навремено избрани, како и постапката за нивниот избор да биде транспарентна, објективна и деполитизирана, со примена на најдобрите меѓународни стандарди кои обезбедуваат објективност на постапката и критериумите. Во современи услови, ефикасноста подразбира и користење современи алатки за работата на Судот, како што се соодветни софтверски решенија за следење на предметите, бази на податоци, лесен и едноставен пристап до домашната, странската и меѓународната судска практика, како и соодветна технологија за одржување и пренос на јавните седници, доколку Судот ги практикува“, велат од Уставниот суд.
Исто така, се предлага склучување Меморандум за зголемување на довербата во уставните судови, со кој би се утврдиле стандарди за транспарентност, заеднички показатели и методологија за следење на јавната доверба во секој од судовите, периодична заедничка анализа на резултатите, како и регионално поврзување и унапредување на базите на уставносудската практика.
Основањето на Охридскиот форум за дијалог за зголемување на довербата во уставните судови е резултат на дискусија во рамките на регионалната конференција одржана на 16 и 17 септември 2026 година. Овој настан се одржа во Охрид, во организација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со поддршка на Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ).
Текстот По иницијатива на Уставниот суд, основан Охридски форум за дијалог и доверба во уставното судство е превземен од МАКФАКС.























