Белгија ќе ѝ испорача на Украина три борбени авиони Ф-16 до крајот на годината, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој му се заблагодари на белгискиот премиер Барт де Вевер за договорот и најави дека Киев ќе работи на забрзано преземање на авионите.

Според Зеленски, Украина веќе добила итни испораки на муниција за Ф-16 од Белгија и од други земји, меѓу кои и Шпанија.

„Бидејќи Русија секојдневно ги засилува нападите, мора да ги зголемиме капацитетите за соборување воздушни цели и заштита на луѓето“, изјави Зеленски.

Украина во изминатите месеци ги проширува и капацитетите за обука на пилоти за Ф-16 . Голем дел од украинските пилоти претходно летале на советски авиони МиГ-29 и Су-27, а преминот на американските F-16 бара повеќемесечна дополнителна обука.

Испораката доаѓа во време кога Украина се соочува со засилени руски воздушни напади и настојува да ги зајакне своите капацитети за противвоздушна одбрана.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.