Во основно училиште во словачкиот град Сташков, ученик од осмо одделение со нож нападнал две наставнички и една ученичка. Една наставничка (61) им подлегнала на повредите, додека две повредени лица биле пренесени во болница.
По пријавата за нападот, на местото биле испратени полиција и служби за итни случаи, вклучувајќи две возила на брза помош и два хеликоптери за спасување.
Портпаролката на службата за итна медицинска помош, Петра Климешова, потврди дека нападнатата ученичка, која била во критична состојба, со хеликоптер била пренесена во болница. Второто повредено лице, 44-годишна наставничка, се здобило со убодна рана во пределот на градниот кош. Откако ѝ била укажана прва помош на лице место, и таа со хеликоптер била пренесена во болница во Жилина. Третата жртва на нападот, 61-годишна наставничка, им подлегнала на повредите.
Словачката полиција потврди дека спроведува истрага и побара од јавноста да не шири непроверени информации.
Главниот словачки обвинител Марош Жилинка изјави дека оваа трагедија претставува повик до општеството во целина да се ослободи од омразата и агресијата.
Ученичкиот совет изрази солидарност со учениците, наставниците и семејствата погодени од нападот. Тие нагласија дека училиштата мора да бидат безбедни места и повикаа на систематски пристап кон решавање на прашањата за безбедност во образовните установи.
Полицијата ја продолжува истрагата и ќе соопшти дополнителни детали за околностите на нападот откако ќе заврши истражната постапка.
фото/Depositphotos/илустрација























