Со громогласен аплауз и невидено внимание, учениците од четири скопски училишта го пречекаа најчитаниот современ шпански писател Елој Морено и добија можност одблиску да го запознаат авторот на нивните омилени книги – „Невидлив“ и „Мрежи“. Вечерта, пак имавме можност да уживаме во длабокопромисленото обраќање на Оливера Ќорвезироска и емотивниот говор на Жарко Кујунџиски.
Така започна првиот ден од 12. издание на Фестивалот на европската литература BookStar 2026, кој и годинава во Скопје обединува значајни странски и домашни автори и отвора простор за разговор за книжевноста, културата и современите општествени предизвици.
Под мотото FREE AT LeAST – ЧУМУ СЛОБОДА!, годинашното издание нуди разновидна програма: книжевни средби, разговори, дебати, читања и дискусии посветени на различните лица на слободата.
Фестивалската програма започна со средбата на Елој Морено со средношколци и основци од неколку скопски училишта.
Многумина од нив пристигнаа со зрели прашања и со сопствени примероци од „Невидлив“, книгата што ја читаат како лектира, но и дело што им е блиско затоа што отвора теми со кои младите секојдневно се соочуваат – врсничкото насилство, потребата за прифаќање, желбата за докажување и потрагата по сопствениот идентитет.
Настанот „Колку лајкови се потребни за среќа?“ го модерираа психолозите Розалија Секулоска и Јован Илиески, што на разговорот му даде дополнителна димензија. Покрај книжевноста, се зборуваше и за влијанието на социјалните мрежи, булингот и предизвиците со кои се соочуваат младите во дигиталната ера.
„Сакам да ви порачам дека никогаш не треба да молчите за врсничкото насилство. Во моментот кога сите заедно ќе се кренете против него и ќе се спротивставите – тој ќе престане“, беше една од најсилните пораки што Морено им ја упати на учениците во преполнетиот простор на Театар Комедија.
По разговорот, учениците имаа можност лично да му поставуваат прашања на авторот, да разговараат со него и да добијат потпишани примероци од неговите книги.
По средбата на Морено со учениците, фестивалските случувања се преселија во „Лабораториум“, каде што се одржа дискусијата „Од робот до четбот: Дискусија за ерата која доаѓа“.
Може ли вештачката интелигенција да ги замени писателите? Колку авторите веќе ја користат во својата работа? Дали таа ќе им овозможи на помалку квалитетните писатели полесно да стигнат до публика и профит?
Ова беа само дел од прашањата за кои, под модераторство на Фросина Пармаковска, разговараа македонските автори Ненад Јолдески, Валентин Нешовски, Соња Станковска и Александар Русјаков.
Потоа следуваше официјалното отворање на фестивалот, на кое се обратија писателката Оливера Ќорвезировска и главниот уредник на издавачката куќа „Антолог“, Жарко Кујунџиски.
Во својот говор Кујунџиски се осврна на слободата како личен, колективен и книжевен простор.
„Зборот слобода е и ултимативен хештаг на нашата самобитност и потрага по својство. Од ‘Слобода или смрт’ до ‘Сонце на слободата’ – зарем постои друг клучен збор што толку го дефинира и македонскиот стремеж за самостојност и идентитет низ вековите? Слободата е топос на лична и колективна еманација.
А слободата не е само право да кажеме ‘јас’. Таа е и способност да го слушнеме оној другиот – ‘ти’.
Книжевноста отсекогаш била третиот елемент во интервалот меѓу првото и второто лице еднина. Писателот има слобода да измисли друг свет, но преку него често ни зборува за вистинскиот свет и во име на некој друг. Да го постави прашањето што никој не се осмелил да го постави. Да ја погледне стварноста од агол од кој не сме ја виделе. Да ни посочи човек кого можеби никогаш не би го забележале. Да ни даде храброст да бидеме сосема друга верзија на себе,“ нагласи Кујунџиски.
Ќорвезироска својот говор го започна преку лично и носталгично сеќавање на првото значење на зборот „слобода“ за неа, а потоа се осврна и на неговата јазична и семантичка суштина.
„Зборот слобода морфолошки е обична збирна именка, што по граматичкиот број е еднина, а семантички се однесува на цело множество, како: одделение, заедница, колектив, стадо, глутница, јато.
Таа, именката слобода, има и множинска форма – слободи, но скришно мечтае да биде singularia tantum. Залудно, зашто слобода во извесна смисла е pluralia tantum и не може никогаш да стане тоа за што мечтае.
Не постои и не може да постои една единствена слобода никаде освен во граматиката, којашто доброволно ѝ се потчинува на семантиката. Слобода секогаш била, е и ќе биде суштинска, нужна множина, зашто има толку слободи колку што има луѓе“, нагласи Ќорвезироска.
Еден од најочекуваните настани на првата фестивалска вечер беше „Малиот принц на шпанската литература“, посветен на гостувањето на Елој Морено.
Најчитаниот современ шпански писател пред публиката зборуваше за своите книги „Невидлив“, „Мрежи“ и „Земја“, но откри и повеќе детали за својата најнова книга објавена на македонски јазик во издание на „Антолог“ – „Новото патување на Малиот принц“, официјално продолжение на безвременската класика „Малиот принц“.
Разговорот го модерираше професорката Весна Mојсова-Чепишевска.
Морено во неколку наврати откри дека како дете не ни помислувал дека ќе стане писател – негов сон бил да биде рок-ѕвезда.
А токму како рок-ѕвезда беше пречекан и во Скопје.
Првата фестивалска вечер заврши со долги редици читатели кои сакаа лично да го запознаат, да разменат неколку зборови со него и да добијат потпис на своите книги.
ШТО СЛЕДУВА ВО НАРЕДНИТЕ ДВА ДЕНА?
Вториот фестивалски ден започнува со неформалната книжевна тура „Кога писател шета писатели“ со Васко Марковски, а напладне, во Паркот на поезијата при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, ќе се одржи големото книжевно читање „Чуму слободата?“.
На читањето ќе настапат Елој Морено од Шпанија, Јап Робен од Холандија, Мартина Видаиќ од Хрватска, Лилјана Коробка од Молдавија/Романија и Саша Бронвасер од Холандија, заедно со македонските автори Соња Станковска, Лилјана Пандева, Томислав Османли, Ивана Трајаноска и Иван Шопов.
Во вечерната програма во „Лабораториум“ следуваат две изданија на поткастот „Антологџии“ со Лилјана Коробка и Мартина Видаиќ, под модераторство на Душко Крстевски.
Потоа следува разговорот „Како (да) се раскажува историјата? Лична меморија, историска траума и книжевност“, со Саша Бронвасер и Лилјана Коробка, под модераторство на Александар Маџаровски.
Вечерта продолжува со „Мапа на тишината: загубата, сеќавањето и невидливите животи“, разговор меѓу Мартина Видаиќ и Јап Робен, што ќе го модерира Владимир Јанковски.
30 СЕПТЕМВРИ – САТРАПИ, ЈАХИНА И ДЕБАТА ЗА БЕСТСЕЛЕРОТ
Последниот фестивалски ден започнува во Europe House Skopje со книжевниот настан „Марџан Сатрапи со адреса во Скопје: Обид за мал омаж“, на кој ќе учествуваат Никола Гелевски, Владимир Битољану, Катерина Шекутковска и Жарко Кујунџиски, со модерација на Ивица Дукоски.
Во 19 часот, во „Лабораториум“, следува средбата со светски познатата писателка Гузел Јахина, авторка на романите „Зулејха ги отвора очите“, „Децата на Волга“ и „Возот до Самарканд“, во разговор со Емил Ниами.
Фестивалската програма ќе заврши со дебатниот Fight Club „Бестселерот (не) може да биде голема литература“.
Во два спротивставени тима ќе дебатираат Зоран Спасов-Ѕоф, Јован Илиески и Сузана Камберова, од една страна, и Петар Андоновски, Дијана Петрова и Снежана Стојчевска, од друга. Модератор на дебатата е Александра Јуруковска.
Како и претходните денови, вечерта ќе заврши со послепрограмата „До фајронт“.
Влезот на сите настани е бесплатен.
Текстот Со шпанскиот писател Елој Морено, отворено 12. издание на „BookStar“ е превземен од МАКФАКС.























