
Венко Филипче и СДС продолжуваат да ја градат својата политика единствено врз принципот да бидат против ставовите на власта, без јасна визија и конкретна понуда за граѓаните, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според оваа партија, таквата политика, наместо консолидација и создавање сериозна опозициска алтернатива, на СДС му донесе дополнителни поделби, раздор и партиски дебакл.
„На очиглед на целата јавност се случуваат јавни меѓусебни пресметки и навреди, борба за превласт, истакнување и позиционирање на политичката сцена на разните фракции во СДС.
Наместо да се обединат во една опозициска опција, за каква што има потреба Македонија, со јасни и аргументирани ставови, со предлози и издржани критики, секој во СДС си гледа за себе, а најмногу Филипче.
Да не му се загрози столчето во СДС, кое и онака верно му го чува на Зоран Заев, Филипче со дрва и камења кон секој кој размислува различно од него, така и кон власта што сака државата да ја направи напредна и развиена земја“.
Како што истакнуваат од владејачката партија, ставот на Филипче само да се биде против без јасна визија и политичка алтернатива, е погубен за СДС и со сигурност, и онака слабата, партија ја доведува до целосен распад.
„Што се однесува до нас, стоиме на нашиот став дека тоа се внатрешни работи на една политичка партија, во случајот СДС, но како одговорна владејачка партија, сметаме дека слабеењето на опозицијата не е добро за демократскиот процес и за државата“.
На Македонија, подвелкуваат во партијата, и треба силна, консолидирана и согласна опозиција, која ќе биде коректив на власта, а не вака внатрешно, меѓусебно раскарана опозиција која не им нуди никави решенија и алтернатива на граѓаните, со став да се биде против, колку да се биде против.
„Затоа и им порачуваме на СДС, дека не може да го потценува народот, затоа што тие многу добро знаат зошто ја дадоа својата доверба на ВМРО-ДПМНЕ, а зошто на нив им даде црвен картон.
Редно е Венко Филипче да ја разбере оваа јасна политичка порака и ако сака да ја консолидира и стабилизира партијата, мора да разбере дека политиката да се биде исклучиво против не е визија, туку дека тоа води единствено кон тонење и исчезнување на СДС“.
Текстот Политиката на Филипче само да се биде против, ја турка СДС во уште поголема криза и кон целосно исчезнување, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.























