Европската Унија подготвува посебни патокази за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија, со кои овие четири земји би добиле појасни рокови и услови за напредок кон членство, објави бриселски „Политико“, повикувајќи се на двајца високи претставници на Европската комисија.
Според нивните наводи, патоказите треба да го забрзаат повеќедеценискиот процес на проширување и попрецизно да ги утврдат реформите што секоја од четирите земји треба да ги спроведе, како и индикативните рокови за завршување на преговарачките поглавја, односно кластерите.
Претставниците навеле дека плановите би претставувале еден вид уверување дека земјите ќе бидат примени во ЕУ доколку ги спроведат клучните реформи, а би содржеле и индикативни рокови за завршување на преговорите.
За почнување на процесот ќе биде потребна согласност од сегашните земји членки на ЕУ.
Портпарол на Европската комисија потврдил дека патоказите ќе претставуваат „пат кон завршување на пристапните преговори“ и дека ќе содржат приоритети, рокови и конкретни резултати што треба да им помогнат на најнапредните кандидати да ги спроведат неопходните реформи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно овој месец вети насочена поддршка за земјите кандидати „кои постигнале најголем напредок“.
Предлогот е дел од пошироката ревизија на политиката на ЕУ кон земјите што сакаат да ѝ се приклучат, со цел на кандидатите да им се овозможи постепена интеграција во одредени области на ЕУ и пред формалното членство.
Предлогот за ревизија ќе им биде претставен на највисоките претставници на ЕУ на 6 октомври.
Фон дер Лајен и еврокомесарката за проширување Марта Кос ќе предложат и измени во внатрешното функционирање на ЕУ, вклучително и можни заштитни механизми и преодни периоди за новите членки.
Лидерите на ЕУ ќе разговараат за проширувањето и за внатрешните реформи на самитот во Брисел на 15 и 16 октомври, додека Европската комисија од нив треба да побара политичка поддршка за забрзување на процесот.
Кос претходно овој месец за „Политико“ изјави дека се надева оти предложените промени и разговорите со лидерите ќе доведат до „есен на проширувањето“, по години побавен напредок.
Текстот „Политико“: Европската Унија подготвува патокази за Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија е превземен од МАКФАКС.























