Најмалку 10 непалски планинари се водат како исчезнати откако лавина утрово го погодила базниот камп во близина на врвот Химлунг Химал, висок 7.126 метри, на границата меѓу Непал и Тибет.

Станува збор за локални водичи кои го подготвувале теренот за претстојната експедиција, вклучително и уредување на маршрутата и поставување јажиња. Според организаторите, осум исчезнати се членови на еден тим, а двајца се од друга компанија.

Спасувачката акција сè уште не може да започне поради лошото време. Во областа во изминатите денови имало обилни снежни врнежи, што дополнително го зголемило ризикот од лавини.

Условите во планинските региони на Непал се особено опасни поради континуираните дождови и снег. Претходно неделава планинари морале да се откажат и од искачување на Манаслу, осмиот највисок врв во светот, поради опасност од лавини.

Несреќата се случува во период на сериозни временски непогоди во регионот. Во соседна Индија, според локалните власти, повеќе од 50 луѓе загинале поради екстремните временски услови.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.