Вкупно 210 готвени оброци беа подготвени и поделени на првиот настан „Чинија љубов“, кој вчера се одржа во дворот на ЈП „Лајка“ под мотото „Збор на денот: заедница“.

Настанот ги обедини граѓаните околу заедничката цел – подготовка на храна за бездомните кучиња. Со полна чинија биле нахранети сите кучиња во прифатилиштето, како и оние кои се наоѓаат во неговата околина.

Од „Лајка“ велат дека ваквите иницијативи се значајни не само поради директната помош за животните, туку и за подигнување на јавната свест за нивната благосостојба. Граѓаните преку непосредното учество имаат можност да се запознаат со работата на прифатилиштето, секојдневните потреби на кучињата и начините на кои можат да помогнат.

„Преку дружење, волонтирање и заедничко учество се развиваат емпатијата и чувството на лична одговорност, но се испраќаат и важни пораки за одговорното сопствеништво, стерилизацијата, вдомувањето и ненапуштањето на домашните миленици“, наведуваат од „Лајка“.

Специјална гостинка на настанот била проф. д-р Наташа Ѓорговска, научен советник при Институтот за сточарство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и авторка на книга посветена на деликатеси и готвени јадења за кучиња и мачки. Таа подготвила посебни деликатеси за настанот, додека „Луна Пет Шоп“ ја поддржала иницијативата со донација на суплементи.

Од „Лајка“ оценуваат дека настанот покажал оти заедничкото дејствување може да придонесе за подобрување на благосостојбата на бездомните животни.

„Чинија љубов“ не беше само ден во кој беа наполнети 210 чинии, туку и ден во кој се создаваше поголема и посвесна заедница околу бездомните животни“, се додава во соопштението.

ЈП „Лајка“ им се заблагодари на сите граѓани, поддржувачи и донатори кои учествуваа на настанот и придонесоа ниту едно куче да не остане без полна чинија.

Текстот „Чинија љубов“ во „Лајка“: подготвени 210 оброци за бездомните кучиња е превземен од МАКФАКС.