Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“ ги става младите луѓе во фокусот како протагонисти на фестивалот.
„Вие овде сте и публика, но и жирито на фестивалот и ќе работите на филмови, ќе се инспирирате од нив, ќе креирате на на работилници, рече заменик-амбасадорот на Италија во земјава, Морено Зела, синоќа на отворањето на 14. „Џифони Македонија“, во полната сала на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје. Зела додаде: Тоа е тоа што го прави „Џифони“ да живее секоја година да биде успешен фестивал. Горди сме што можеме да го промовираме овој настан и годинава. Фестивалот го отвораме со филмот „Лагат-невоможен сон“, кој целосно одговара на мотото на фестивалот годинава.
За околу 400 џифонци од шест земји денеска почнува работниот дел со проекции на филмови, работилници, дискусии. Јуниорите (од шесто до деветто одделение) традиционално се во Кинотеката на Македонија, додека во МКЦ ќе се реализира програмата за Кадетите и Сениорите, односно за средношколците. Во киното „Фросина“ средношколците денес во 12 часот ќе го гледаат „Скејтбордингот не е за девојчиња“ и веднаш после тоа ќе се сретнат со режисерката Дина Дума. Тоа е вториот долгометражен филм на младата режисерка, чија македонска премиера се случи минатата недела на отворањето на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Со овој филм ќе биде отворена натпреварувачката програма на фестивалот. Од 15 до 17 часот ќе следува програмата Creative You(the) Talks за два филма – In Another Life со режисерката Јована Здравковска и Warmis Sobre Ruedes на режисерката Оливера Каменаровска. Исто така џифонци ќе можат да се запознаат и со Кирил Цеков и Филип Димитриевски, авторите на филмот Bitter Sweet.
Од 18 часот ќе следува интернационалната вечер, кога учесниците од сите земји си ја претставуваат својата култура преку храна, музика и др.
Темата на фестивалот годинава е „Невозможните нешта“. Што им изгледа невозможно на младите луѓе денес? Дали невозможното е навистина граница или само нешто што сè уште не сме научиле да го замислуваме, разбереме или направиме? Токму овие прашања се во фокусот на годинешното издание. На фестивалот ќе учествуваат млади од земјава, како и 30-ина џифонци од Италија, Данска, Романија, Србија и Косово. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија, Италијанскиот културен инстиут, Џифони Експириенс, Град Скопје, како и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.
Текстот Отворен 14. „Џифони Македонија“, денеска џифонци ќе го гледаат „Скејтбордингот не е за девојчиња“ и ќе се сретнат со Дина Дума е превземен од МАКФАКС.























