Судењето на поранешниот полицаец во Минеаполис, Дерек Човин околу смртта на Џорџ Флојд започнува денеска по комплексен процес за избор на поротници.
Судијата посветил три недели само за да избере поротници, знаејќи за потенцијалните потешкотии во наоѓањето на непристрасни жители на Минеаполис во случајот што ја подели државата и чија жртва Џорџ Флојд стана меѓународен симбол во борбата за расна праведност.
Лани судот испрати прашалник на 16 страници до потенцијалните поротници, испитувајќи го нивното знаење за случајот со Флојд, кој почина на 25 мај минатата година, при апсењето пред продавница.
Прашалникот содржел прашања од типот „дали ги видовте снимките од неговата смрт“, „дали учествувавте во протестите што следуваа“ или „што мислите за движењето ‘Црните животи вредат (BLM)“ .
Смртта на Флојд беше снимена со мобилен телефон од страна на девојка која минувала на местото, а на снимката се гледа како Човин го притиска коленото на вратот на Флојд, скоро девет минути, додека 46-годишникот вели дека не може да дише.
Снимката се прошири на интернет за неколку часа и доведе до еден од најмасовните протести во американската историја.
Се очелува адвокатите на Човин да го оспорат изборот на поротници кои го поддржуваат движењето против системскиот расизам.
Одбраната на Човин петнаесет пати може да го отфрли изборот на некој поротник без да ја образложува причината за тоа, а обвинителите може да го сторат тоа девет пати. Ако која било од страните се сомнева дека член на поротата е разрешен поради раса, етничка припадност или пол, тие можат да побараат од судијата да се произнесе поинаку.
Дел од правните експерти се загрижени дека нема да има црнци меѓу конечните 12 поротници и четири замени и дека ова може да ја наруши довербата на јавноста во пресудата. Околу една петтина од жителите на Минеаполис се црнци.
„Потребна ни е порота која ќе го претставува спектарот на ставови и мислења и демографските карактеристики на нашата заедница“, рече Валери Ханс, професор по право на Универзитетот Корнел.
„Треба да бидат вклучени и луѓе кои можеби биле на протест или имаат различни ставови во врска со некои од прашањата“, додава тој.
На Човин му се заканува затворска казна од 40 години, а од страв од протести ќе му се суди во добро заштитена судница. Неговите адвокати тврдат дека во справувањето со Флојд, тој ги користел методите што ги научил за време на полициските обуки.