ВЛЕН ја оцени како неправедна и неприфатлива денешната пресуда на Специјализираните совети на Косово во Хаг против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, порачувајќи дека правната битка продолжува во жалбена постапка.

„Со длабоко жалење и огорченост ја примивме веста за пресудата на Специјализираните совети на Косово во Хаг против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Изречените казни се високи и неприфатливи“, соопштија од ВЛЕН.

Од коалицијата наведуваат дека пресудата не ја доведува во прашање легитимноста на ОВК и оценуваат дека нејзината борба била борба за слобода.

„Војната на Ослободителната војска на Косово беше праведна борба за слобода, водена во услови на репресија и злосторства на режимот на Слободан Милошевиќ. Оваа историска вистина не може да ја промени ниту една пресуда“, се наведува во реакцијата.

Од ВЛЕН посочуваат дека станува збор за првостепена одлука и очекуваат во жалбената постапка да бидат разгледани аргументите на одбраната.

„ВЛЕН стои покрај семејствата на Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, покрај нивните соборци и покрај народот на Косово. ОВК се бореше за слобода. Таа вистина не се препишува“, порачаа од коалицијата.

Претходно денеска, поранешниот косовски претседател Хашим Тачи беше прогласен за виновен за воени злосторства и осуден на 25 години затвор пред Специјализираните совети на Косово во Хаг. Јакуп Красниќи е осуден на 25 години затвор, Кадри Весели на 18, а Реџеп Селими на 13 години.

Четворицата поранешни водачи на ОВК се прогласени за кривично одговорни за самоволно лишување од слобода, сурово постапување, мачење и противправни убиства. Судскиот совет, меѓутоа, соопшти дека обвинителството не докажало дека обвинетите извршиле злосторства против човештвото.

Текстот За ВЛЕН неправедна е пресудата за Тачи и другите лидери на ОВК: „Правната битка продолжува“ е превземен од МАКФАКС.