
Во моменти кога цената на нафтените деривати ја надминува границата од 100 денари за литар, а македонските градови рушат светски рекорди по загаденост на воздухот, државата продолжува системски да ги штити нафтените лобија и да ја кочи вистинската транзиција кон електрична мобилност, велат од ДОМ.
„Сведоци сме на врвно лицемерие: државата без проблем им дозволува на големите приватни корпорации да градат огромни приватни ветропаркови и соларни централи, експлоатирајќи ги нашите заеднички државни природни ресурси – сонцето, ветерот и земјиштето. Но, од овие мега-проекти обичниот народ на ниско ниво нема апсолутно никаква корист!
Додека енергетските олигарси профитираат од „зелената транзиција“, граѓаните се оставени да плаќаат прескапи фосилни горива. Истовремено, секоја помала приватна иницијатива за поставување полначи за електрични возила во градовите наидува на непробоен административен ѕид поради застарените закони и ограничувачките мрежни правила“.
ДОМ бара итно политичко делување и воведување на строги регулативи кои ќе го штитат јавниот интерес.
„Обврска за инвестирање во ЕВ инфраструктура: секој приватен инвеститор кој добива дозвола за изградба на големи соларни централи или ветропаркови преку искористување на државните природни ресурси, законски да се задолжи дел од произведените киловат-часови да ги преточи во мрежа на јавни полначи за електрични возила. Ако профитирате од нашето сонце и ветер, мора да изградите и да ги одржувате полначите за возила за народот!
Демонополизирање на енергетскиот сектор: итна измена на Законот за енергетика со што ќе се дозволи директна продажба на електрична енергија на мало за потребите на инфраструктурата за полнење, ставајќи крај на апсурдната правна гимнастика со наплата на „време и услуга“.
Итна ревизија на мрежните правила: крај на неправедните услови во постоечките мрежни правила. Потребни се флексибилни мрежни правила, брзи процедури и реално олеснување за поставување полначи во урбаните средини.
Фонд за електрификација: средствата собрани од еколошките такси директно да се пренаменат во развој и субвенционирање на јавната мрежа за полнење и субвенционирање на електричните возила“.
Според оваа партија, зелената транзиција не смее да биде само профитабилен бизнис за неколкумина. Време е, додаваат од ДОМ, државата да почне да работи за граѓаните, за нивниот буџет и за почист воздух, а не за заштита на старите монополи.
Текстот ДОМ: Природните ресурси се подаруваат на големиот бизнис, додека граѓаните плаќаат гориво над 100 денари е превземен од МАКФАКС.























