Следниот семестар студентите ќе можат да се вратат во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје, кој, веќе четири години, не им е достапен за сместување. Такви се очекувањата на Министерството за образование и на претставниците на Европската унија кои заеднички обезбедија средства за обнова на студентскиот дом, од темелите до покривот. Оптимист дека до крајот на оваа година целосно ќе заврши обновата и модернизирањето на домот е и „Страбаг“, изведувачот на градежните работи. Од таму со гордост кажуваат дека со реновирањето на „Кузман“ првпат кај нас еден студентски дом ќе биде обновен по највисоки светски стандарди.

Сите соби во домот ќе бидат еднокреветни и модерно опремени

„Ако некој запали цигара внатре, во истиот момент ќе биде избањат“, велат од „Страбаг“ и нагласуваат дека во домот не се реновирани само фасадата и покривот, она што се гледа однадвор, туку станува збор за целосна реконструкција со модерни безбедносни системи за пожар и за други непогоди.

Детектори за чад се вградени во сите простории во домот, па пушењето ќе биде најстрого забрането, а секое прекршување ќе се казнува.

Соба во „Кузман“ пред реконструкцијата

Градежните активности за обнова на „Кузман“ се почнати во 2024 година, период во кој целосно е сменет ликот на домот. Мемлосаните и полураспаднати соби веќе имаат сосема нов изглед. За да се испочитуваат европските правила и да се крене квалитетот на живот на студентите, сите соби се еднокреветни. Тоа довело до преполовување на капацитетот на домот, но, од друга страна, овозможува тој да функционира како хостел во периодот кога студентите ќе си заминат. Тоалетите, како и досега, ќе бидат заеднички, заеднички ќе бидат и читалните или собите за одмор и дружење, а на секој втор кат ќе имаат и чајни кујни.

Чадот од котелот на „Кузман“ оди во историјата, домот е поврзан на градското парно половина век по изградбата

Котелот за системот за греење во Домот, кој секоја зима го труеше центарот на Скопје, е исчистен и запечатен. Нема да се употребува оти повеќе од половина век откога е изграден, домот е поврзан на градското парно. Во собите нема да има радијатори, а греењето и ладењето ќе биде со фенколери. Студентите сами ќе ја регулираат температурата во собите и ќе имаат можност, кога ќе излегуваат, да го исклучат греењето или ладењето за заштеда на енергија. Вградена е енергетски ефикасна фасада, а такви се и прозорците. За заштеда на енергија, системот за ладење и греење ќе се гаси ако се отворени прозорците или вратите, а за домот да се доближи уште повеќе до нулта потрошувачка, на покривот се инсталирани фотоволтаици кои ќе покриваат дел од потрошувачката на струја.

Со фотоволтаици на покривот ќе се намалува сметката за струја на домот

 

85,5 милиони евра за обнова на девет студентски домови и шест центри за ученици со посебни потреби

Очекувањата се потрошувачката на струја да се намали за 56%, а испуштањето јаглерод диоксид да се намали за 49%. Токму постигнувањето на овие цели е причината Европската Унија да одобри грант за обнова на студентските домови во висина од 21 милион евра, развојната банка „КфВ“ (KfW) од Франкфурт да ни одобри заем од 60 милиони евра, а Министерството за образование да обезбеди 3,85 милиони евра. Со вкупно 85,56 милиони евра е предвидено, покрај студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, кои се во завршна фаза, да се реновираат уште седум државни студентски домови, шест ресурсни центри за ученици со посебни потреби и еден дом за средношколци во Скопје, Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Струмица и Велес.

Сметката за струја на домот „Кузман Јосифовски – Питу“ ќе биде намалена за 56 %.- Роберт Шарламанов од КфВ – Скопје

„Ова е темелна рехабилитација — сè се обновува, од конструкцијата до системите, кои трошат енергија — и токму затоа намалувањето на потребата за енергија е околу 56 отсто по дом, а не десет или петнаесет. Четири згради одат чекор понатаму, близу до NZEB стандардот, со проектантска поддршка од Фраунхофер институтот.“, вели Роберт Шарламанов од КфВ – Скопје.

Обновата на студентските домови и ресурсните центри е дел од проектот „Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови и ресурсните центри во Северна Македонија“, кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP) за Западен Балкан и преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Стефано Елеро, шеф на секторот за соработка, при Делегацијата на Европската Унија во земјава, смета дека ваквите проекти се нашиот пат кон Унијата.

„Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Северна Македонија кон Европската Унија“, рече Стефано Елеро од Делегацијата на ЕУ во земјава

„Најевтината и најчистата енергија е онаа, која никогаш не ја трошиме. Со повеќе од 21 милион евра грантови од Европската Унија преку REEP и WBIF, оваа инвестиција ги намалува емисиите и истовремено ја менува секојдневната реалност на илјадници студенти и ученици. Ова е Зелената агенда во својата најопиплива форма и дел од патот на Северна Македонија кон Европската Унија.“, вели Елеро.

Ставот дека ваквите проекти се нашиот пат кон Европската Унија, Елеро го поткрепи со објаснување дека оние кои се во Унијата добиваат многу поголеми грантови отколку оние кои се надвор од неа.

Освен „Кузман“ со овие средства веќе е завршена обновата на студентскиот дом „Стив Наумов“ и прашање на денови е кога свечено ќе биде пуштен во употреба. Дамјан Стојковски од Министерството за образование, задолжен за спроведување на проектот, вели дека веќе се работи на сите предвидени проекти.

Реконструкцијата на ресурсните центри е предвидено да почне во текот на следната година, вели Дамјан Стојковски од МОН

„Конкретно, веќе во следниот период очекуваме старт на реконструкциите на студентските домови ‘Никола Карев’ во Охрид, ‘Томе Стефановски-Сениќ’ во Скопје, ‘Орде Чопела’ во Прилеп и ‘Браќа Миладиновци’ во Штип. Следната година ќе ги започнеме и реконструкциите во преостанатите три домови: ‘Кочо Рацин’ во Битола, кантината во студентскиот дом ‘Гоце Делчев’ во Скопје, како и студентскиот дом ‘Пелагонија’ во Скопје. За сите овие објекти веќе се подготвува или е завршена проектната документација и сите тие ќе бидат дел од следните фази на овој голем проект“, рече Стојковски.

Во втората фаза од проектот ќе бидат опфатени ресурсните центри, односно училиштата за деца и млади со попреченост, во три основни и две средни училишта, односно основните училишта „Маца Овчарова“ во Велес, „Д-р Златан Сремец“ во Скопје, „Иднина“ во Скопје, и средните училишта „Димитар Влахов“ и „Партенија Зографски“ во Скопје. И за нив е веќе започната подготовка на проектната документација, а реконструкцијата е предвидено да почне во текот на следната година.

Декември 2031 година е крајниот рок за завршување на сите реконструкции

Обновата на домовите е проект стар седум години. Иако договорите биле потпишани во 2019 година, градежните работи почнаа во 2024 година, „Кузман“ и „Стив“ беа првите два дома. Пет години траела подготовката на документацијата оти некои домови воопшто немале имотни листови, некои во документите имале запишано повеќе квадратни метри отколку што реално имаат, а некаде пак имало помалку запишани квадрати.

Иако од првиот договор во 2019 година се поминати седум години, реализацијата на проектот не доцни.

Грантот овозможува сериозна и темелна, а не козметичка обнова, вели менаџерот од банката „КфВ“, Оливер Јунгер

„За KfW ова е долгорочна обврска — до 2031 година, низ три фази, финансирана преку комбинација на заеми, грантови и поддршка од Европската Унија. Токму грантот овозможува сериозна и темелна, а не козметичка обнова: без неа, работите би биле поплитки, а заштедите далеку помали. Она што се добива е инфраструктура што ќе троши помалку енергија во годините што доаѓаат.“, вели менаџерот од банката „КфВ“, Оливер Јунгер.

Проектот треба да биде завршен до декември 2031 година, а очекувањата се дека сегашниот буџет од 85,56 милиони евра може да се дополнува и да надмине 100 милиони евра.

 

 

Текстот „Кузман“ обновен за да може да работи и како хостел: ако некој запали цигара, во истиот момент ќе биде избањат е превземен од МАКФАКС.