Во големиот пожар што беснее на хрватскиот остров Брач од четвртокот вечерта, а сè уште не е целосно ставен под контрола, повредени се две лица, од кои едно е во животна опасност. Во огнената стихија изгореа неколку куќи во туристичкиот комплекс „Гава“, возила и повеќе од 3.500 хектари борова шума, ниска вегетација и трева.
Според последните информации, 76-годишна жена е хоспитализирана на Одделението за интензивна нега на Клиниката за белодробни заболувања при Клиничкиот болнички центар во Сплит и се наоѓа во животна опасност, соопштија лекарите за агенцијата Хина.
Неофицијално се дознава дека жената паднала од брод за време на евакуацијата, при што за малку не се удавила. Од Брач досега се евакуирани неколку стотици луѓе.
Покрај 76-годишната жена, повреден е и 27-годишен маж, кој имал респираторни проблеми откако бил изложен на чад. По укажаната медицинска помош и прегледот, тој е пуштен на домашно лекување.
Командантот на Оперативната зона Брач, Никола Мартиниќ Драган, за Хина изјави дека ситуацијата со пожарот околу пладне била задоволителна и дека пожарникарите речиси целосно го контролираат пожарниот фронт. Значајна помош, како што рече, им пружиле и воздухопловните сили, кои од раните утрински часови дејствуваат на пожариштето.
„На терен има повеќе од 280 пожарникари и 66 возила од целото крајбрежје, а дел и од континенталниот дел. Се работи интензивно. Иако сè уште дува ветер, мислам дека имаме големи шанси до крајот на денот целосно да го ставиме пожарот под контрола. Сепак, треба да почекаме и да видиме какво ќе биде времето попладне“, изјави Мартиниќ Драган.
Тој додаде дека според последните информации се повредени две лица, од кои едното потешко, додека останатите проблеми биле главно респираторни. Станува збор за цивили, а меѓу пожарникарите нема повредени.
Како што рече, при гаснењето приоритет им биле гостите и вработените во комплексот „Гава“, кои биле заробени во огнената стихија. Тој им се заблагодари на граѓаните за поддршката што им ја даваат на пожарникарите и апелираше во вакви ситуации да не се шири паника и да не им се верува на неофицијални информации, туку да се следат официјалните канали.
Главниот пожарникарски командант на Хрватска, Славко Тукаковиќ, за Хина потврди дека ситуацијата на теренот е посмирена, но дека на неколку места сè уште има чад. Во моментов на терен дејствуваат два канадери.
Тој оцени дека главна причина за брзото ширење на пожарите кај Омиш и на Брач е исклучително сувата вегетација.
„Пожарот кај Омиш беше многу посилен и поразорен и се разви за кратко време, додека на Брач веќе со денови ветерот ја менува насоката и, зависно од тоа како се движи, пали нови подрачја. На брзото развивање и ширење на пожарот особено му одговара сувата вегетација. Оваа година е специфична поради сувоста на вегетацијата и брзото, нагло ширење на пожарите под влијание на ветерот. Тоа е она што нè предупредува за иднината“, рече Тукаковиќ.
Тој посочи дека на Брач имале сопствена цистерна со 33.000 литри вода, додека друга се наоѓа на подрачјето на Макарска. Досега на терен биле извршени три смени на пожарникарите.
Градоначалничката на Супетар, Ивана Марковиќ, за Хина изјави дека странските туристи кои престојувале во приватно сместување во Осибова се згрижени во спортската сала. Таму се сместени вкупно 45 лица, главно Унгарци, на кои им се обезбедени и топли оброци. Меѓу нив нема повредени.
„Им благодарам на сите. Сè е одлично организирано, секој си го работи својот дел од работата и заслужуваат пофалба сите началници од островот кои цела ноќ бдееја за сè да биде направено како што треба. Туристите од „Гава“ биле во приватно сместување во Осибова, Постира и Бол, а во меѓувреме хотелската компанија во чија сопственост е „Гава“ презеде обврска да го реши нивното сместување“, изјави Марковиќ.



















