Координаторот на СДСМ во третата изборна единица, Ацо Велковски, остро реагираше кон министерот за здравство Азир Клековски, поставувајќи прашања за снабдувањето со терапии и правото на туѓа нега.
„Министре Клековски, каде се лековите и каде е негата?“, пишува Велковски.
Според него, државата во 2025 година потрошила 11,1 милијарди денари за лекови, додека граѓаните и понатаму бараат терапии, а дел од нив лековите ги плаќаат од сопствен џеб.
Велковски ја критикува и состојбата со правото на туѓа нега, посочувајќи дека за оваа помош се издвојуваат само 5.610 или 6.342 денари месечно, додека на граѓаните, како што тврди, сè уште им се преиспитува ова право.
Тој до министерот поставува неколку прашања:
* Колку луѓе останаа без туѓа нега?
* Колку пациенти останаа без терапија?
* Кои компании ги добиваат договорите и по кои цени?
* Каде одат милијардите?
„Немојте да помислите дека не знаеме“, пишува Велковски, барајќи поголема транспарентност во трошењето на јавните средства во здравството.



















