Движењето ЗНАМ го обвини градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за цензура при објавувањето на официјалната снимка од седницата на Советот, тврдејќи дека видеото прекинува токму во делот во кој нивната советничка Александра Цветановска зборува за спорниот Нацрт-ДУП „Барутана“, слободата на изразување и наводните притисоци врз советниците.

„Покрај бетонирањето на Центар, Горан Герасимовски сега ја бетонира и цензурата“, велат од ЗНАМ.

Според партијата, на официјалната снимка од седницата дискусијата на Цветановска исчезнува во моментот кога таа зборува за слободата на изразување, притисоците врз советниците и обидите за цензура во Советот, по што преносот повторно продолжува.

„Снимката прекинува. Дискусијата исчезнува. А потоа преносот ‘случајно’ продолжува“, наведуваат од ЗНАМ, оценувајќи дека случајот не треба да биде третиран како обична техничка грешка.

Од партијата посочуваат дека Цветановска во дискусијата предупредувала и на, според неа, опасен преседан – градоначалникот да може да зборува за теми кои не се дел од дневниот ред кога самиот ќе одлучи.

ЗНАМ го критикува Герасимовски и поради неговото отсуство од јавната презентација за Нацрт-ДУП „Барутана“. Според партијата, додека граѓаните зборувале за одговорност, совест и заштита на Водно, градоначалникот не присуствувал на презентацијата, туку бил на прес-конференција за музички настан.

„Герасимовски, од кого се криете – од граѓаните или од вистината? Што е поважно: прес-конференцијата за музички настан или урбанистичкиот план што може трајно да го промени ликот на Водно, Центар и Скопје?“, прашуваат од ЗНАМ.

Од Движењето бараат одговор и за прекинот на официјалната снимка од седницата.

„Што се обидува да скрие зад прекинатите и исечени кадри?“, прашуваат од ЗНАМ.

Во соопштението не се приложени докази дека прекинот на снимката бил намерен, ниту дека станува збор за интервенција по налог на градоначалникот. Наводите за цензура се став на Движењето ЗНАМ.

Текстот ЗНАМ го обвини Герасимовски за цензура: Снимката прекинува додека советничка зборува за ДУП „Барутана“ е превземен од МАКФАКС.