Европската Унија ќе ѝ обезбеди на Украина дополнителна воена помош од 6,1 милијарда евра за набавка на опрема, пред сè пресретнувачи за системите „Патриот“, кои се клучни за одбраната од руските балистички ракети, објави „Еуроњуз“.

Средствата се дел од пакетот заеми на ЕУ вреден 90 милијарди евра. Од нив, годинава 28,3 милијарди евра се наменети за воена помош, а 16,7 милијарди за буџетска поддршка. Новите 6,1 милијарда евра се последниот дел од воениот пакет.

За да се овозможи набавка на американските системи „Патриот“ и беспилотни летала што зависат од кинески компоненти, ќе биде укинат условот опремата да биде произведена во Европа.

Европскиот комесар за одбрана Андриус Кубилиус изјави дека е клучно да се забрза испораката на потребната опрема преку користење на постојните залихи, промена на приоритетите во нарачките и зголемување на производството.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски проценува дека на Украина ѝ се потребни околу 300 пресретнувачи „Патриот“ за безбедно да ја преброди зимата. Недостигот од пресретнувачи PAC-3, кои ги произведува американската компанија „Локхид Мартин“, сериозно ги ограничува украинските капацитети за одбрана од руските балистички ракети.

Производството на еден пресретнувач PAC-3 трае 24 месеци, а неговата цена изнесува околу четири милиони долари, односно 3,45 милиони евра.

Брисел воедно се обидува да ги убеди земјите членки што имаат залихи на пресретнувачи „Патриот“ да ѝ ги донираат на Украина. За возврат, тие би добиле замена од испораките планирани за 2027 година.

Текстот Украина добива 6,1 милијарда евра од ЕУ за воена опрема и „Патриот“ е превземен од МАКФАКС.