Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, во рамки на посетата на Братислава, оствари средба со министерот за надворешни и европски работи на Словачката Република, Јурај Бланар.

На средбата беа потврдени одличните односи меѓу двете земји и континуираната поддршка на Словачка за европската перспектива на Северна Македонија и на Западен Балкан.

Сали му се заблагодари на министерот Бланар за гостопримството и за континуираниот ангажман на Словачка во одржувањето на политиката на проширување високо на агендата на Европската Унија, особено истакнувајќи ја активната улога на Братислава во рамки на групата „Пријатели на Западен Балкан“.

„Европската иднина на Северна Македонија е наша стратешка определба и остануваме целосно посветени на реформите и исполнувањето на обврските што произлегуваат од процесот на пристапување. Истовремено, од суштинско значење е процесот да остане кредибилен, предвидлив и заснован на заслуги, при што исполнувањето на договорените обврски ќе биде проследено со конкретен напредок“, истакна Сали.

Во овој контекст, беше разговарано и за значењето на добрососедските односи и потребата билатералните прашања да се решаваат преку дијалог, меѓусебно разбирање и почитување, притоа зачувувајќи го европскиот и реформскиот карактер на пристапниот процес.

Сали истакна дека Северна Македонија останува посветена на конструктивен дијалог со Бугарија и на градење одржливи добрососедски односи, нагласувајќи ја важноста европскиот процес да обезбеди предвидливост и сигурност дека исполнувањето на договорените обврски ќе овозможи напредок кон следните фази од преговорите.

Соговорниците разговараа и за постепената интеграција на земјите кандидати во политиките и единствениот пазар на ЕУ, спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за можностите за продлабочување на билатералната соработка и размена на словачкото искуство во процесот на европска интеграција.

Сали нагласи дека поддршката од пријателски и партнерски земји како Словачка е значајна како за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, така и за зачувување на кредибилитетот на политиката на проширување во целиот Западен Балкан.

Текстот Сали–Бланар: Поддршката на Словачка за европската интеграција на Северна Македонија останува силна и значајна е превземен од МАКФАКС.