Актерката Гвинет Палтроу неодамна зборуваше за својата врска со Бред Пит, истакнувајќи дека притисокот од медиумите и бројните очекувања имале значително влијание врз неа.

Палтроу неодамна гостуваше во подкастот „Friends Keep Secrets“, каде што разговараше за разни теми, вклучително и за нејзиниот приватен живот. Таа се наврати на својата романса со Бред Пит во 1990-тите, нагласувајќи ги многуте фактори што влијаеле врз исходот на врската, а особено врз нивната разделба.

Таа истакна дека се запознале на снимањето на филмот „Seven“, кога таа имала 22, а тој 31 година.

„Се запознавме на сетот и тоа беше љубов на прв поглед“, се присети таа. „Беше навистина неверојатно. Многу забавно.“

Двојката се запозна во 1994 година, а се сврши во 1996 година. Сепак, како што е добро познато, тие ја раскинаа свршувачката во 1997 година, а Палтроу призна дека нивната врска била интензивна.

„Бев многу млада, а тој беше прекрасна филмска ѕвезда“, рече таа, додавајќи дека Бред Пит е „одличен човек кого многу го сака“.

Таа изјави дека била „скршена од болка“ по разделбата и дека медиумите значително влијаеле врз нејзината ментална состојба.

„Мислам дека поради притисокот од медиумите и сè друго, целата работа добива многу поголеми размери отколку што навистина е“, изјави таа. „Потоа го носите тој јавен товар на своите плеќи, создавајќи си дополнителен притисок и чувство на срам затоа што врската не успеала.“

Во епизода од подкастот Call Her Daddy во 2023 година, Палтроу претходно изјави дека ја раскинала свршувачката бидејќи не била подготвена за брак. „Во тоа време, тоа беше вистинската одлука, но беше многу тешко“, рече таа тогаш. „Се случуваа неколку работи. Тој беше девет години постар од мене; знаеше што сака и беше подготвен за брак, додека јас сè уште не знаев што сакам“, изјави актерката.

По врската со Пит, Палтроу се омажи за фронтменот на групата „Колдплеј“, Крис Мартин, во 2003 година, со кого има две деца – Епл (22) и Мозис (20). Двојката пријателски се раздели во 2014 година. Од 2018 година, таа е во брак со продуцентот Бред Фалчук.

Текстот (Видео) Гвинет Палтроу за врската со Бред Пит: „Се срамев бидејќи не успеа“ е превземен од МАКФАКС.