Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека иновациите поврзани со вселената го промениле секојдневниот живот и дека изборите направени денес „ќе ги обликуваат децениите што доаѓаат“.

Фон дер Лајен, на Меѓународниот вселенски самит во Париз, изјави дека лидерите и претставниците на земјите од светот се собрале на самитот за да разговараат за „иновациите што се случуваат токму сега, во нашата орбита“.

Таа му се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон за организирањето на самитот, каде што ќе зборуваат за иновации кои, според неа, можат да го променат светот и кои ги поврзуваат континентите.

Фон дер Лајен изјави дека двата вселенски системи на Европската Унија, Коперник – за набљудување и следење на Земјата во областа на животната средина и климата, како и навигацискиот систем Галилео, кој е целосно во сопственост и под цивилна контрола на ЕУ, покажаа колку се корисни при гаснење големи шумски пожари ова лето, како и при наоѓање ситуации „кога секоја минута е драгоцена“.

„Системот Коперник беше таму за да ни помогне со брзината со која реагиравме на пожарите, сателитите помогнаа да се одреди зоната на пожарот, дури и да се процени каде ќе се прошири“, рече Фон дер Лајен.

Таа додаде дека, благодарение на податоците што ги обезбеди Коперник, околу 800 пожарникари биле распоредени во критичните области пред пожарот да се прошири на тие локации, така што тие можеле да реагираат „во првите критични часови“.

„Секој ден, научниците ги следат климатските промени од арктичките планини до амазонските шуми. Овие податоци се бесплатни. Галилео и Коперник не се само за Европа, тие се европска инвестиција што стана меѓународно добро и ние сме горди на нив“, рече Фон дер Лајен.

Фон дер Лајен додаде дека „она што се случува во нашата орбита е важно и за нашата безбедност и независност“, што беше демонстрирано и со примерот на војната во Украина.

Текстот Фон дер Лајен: Она што се случува во орбитата е клучно за нашата безбедност е превземен од МАКФАКС.