Цената на суровата нафта „Брент“ се искачи над 101 долар за барел во средата навечер за прв пат од мај, поттикната од ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран и посилната кинеска побарувачка за нафта.

Американската сурова нафта WTI се искачи над 96 долари за барел, на највисоко ниво од мај, објави „Trading Economics“.

Американската војска објави дека уништила пет ирански танкери што превезуваат сурова нафта, по обидот за напад со балистичка ракета врз воен брод на американската морнарица.
Иран, од друга страна, соопшти дека нападнале два американски брода и осум танкери за нафта во Персискиот Залив, додека ги предупредиле екипажите на бродови во близина на пристаништата во Кувајт и Бахреин да ги напуштат своите бродови.

Најновата ескалација дополнително ги зголеми стравувањата од нови прекини во глобалното снабдување со нафта, особено во областа на Ормускиот теснец, клучен поморски пат за транспорт на енергија од Блискиот Исток.

Милитантите Хути, поддржани од Иран, истовремено ја нападнаа енергетската инфраструктура во јужна Саудиска Арабија, вклучувајќи ја и рафинеријата Џазан со капацитет од 400.000 барели дневно.

Цените на нафтата дополнително се поткрепени од зголемените купувања од Кина, која ги надополнува намалените залихи на сурова нафта и гориво.

Оваа година Кина го ограничи увозот на поскапи нафтени производи поради војната во Иран, но сега ги зголемува купувањата на сурова нафта од Африка, Канада и Латинска Америка, пренесува Танјуг.

Текстот Ескалацијата меѓу САД и Иран ги зголеми цените на нафтата е превземен од МАКФАКС.