Ацо Велковски, координатор на СДСМ во третата изборна единица, остро реагираше на начинот на кој се организираат прославите за 8 Септември, барајќи целосна транспарентност за трошењето на јавните пари.
„Премиерот стана градоначалник!“, пишува Велковски, критикувајќи ја практиката на одредени градоначалници кои, како што наведува, со јавни средства организираат манифестации и спектакли со странски пејачи и групи, а потоа молчат за тоа колку чинат тие настани.
Според него, премиерот ја применил истата формула, организирајќи државен спектакл со милиони евра од буџетот.
Велковски нагласува дека никој не е против прослави, концерти или странски уметници, но кога се трошат јавни пари, граѓаните имаат право да знаат сè.
Тој бара одговор на следните прашања:
* Колку точно чини целата прослава?
* Кој ги потпишал договорите?
* Кој ги избрал изведувачите и според кои критериуми?
* Кои компании и посредници се ангажирани?
* Каде се договорите и фактурите?
* Каде е објавена целосната сума што ќе ја платат граѓаните?
„ПОКАЖЕТЕ ГИ ДОГОВОРИТЕ! ЦЕЛОСНО. ЈАВНО. БЕЗ КРИЕЊЕ.“, бара Велковски.
Тој посочува и дека, според неговите наводи, околу 22 отсто од населението се соочува со ризик од сиромаштија, додека граѓаните се борат со високите цени, сметките и тешкотиите да го поминат месецот.
На крајот, Велковски им порача на градоначалниците, но и на премиерот:
„Честит 8 Септември! Догодина нема да ви честитаме само со зборови. Ќе ви честитаме со објавени договори, фактури и сметки.“
🇲🇰 Среќен празник, Македонијо!
















