Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, повика на зголемен притисок врз Русија и зголемена помош за Украина, оценувајќи дека ова е најбрзиот начин за завршување на конфликтот.
Калас, на заедничка прес-конференција со литванскиот премиер Миндаугас Синкавичус, објави дека на Киев ќе му бидат доделени 8,47 милијарди евра како дел од кредитната програма.
Таа изјави дека Европската Унија веќе одобрила дополнителни 6,1 милијарди евра финансиска и воена помош, вклучувајќи средства наменети за набавка на системи за противвоздушна одбрана за Украина.
Шефот на европската дипломатија нагласи дека Брисел мора да продолжи со континуирана финансиска и воена поддршка на Киев, како и со мерки насочени против Москва.
Русија, од друга страна, постојано објавува дека западната политика на санкции не ги постигнала прогласените цели. Претседателот на Русија, Владимир Путин, оцени дека ограничувањето и слабеењето на неговата земја претставува долгорочна стратегија на западните земји.
Кремљ истакнува дека рестриктивните мерки предизвикуваат сериозна штета на глобалната економија, но и на самите членки на Европската Унија, кои ги трпат последиците од руските контрамерки и губењето на претходно достапните извори на енергија.
Москва наведува дека е подготвена за дијалог за прекин на конфликтот, но не и за разговори што би се воделе под притисок и ултиматуми.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, претходно оцени дека со продолжувањето на снабдувањето со оружје на Украина, Вашингтон и Брисел го продолжуваат конфликтот и придонесуваат за зголемување на бројот на жртви.
Во текот на 2026 година, Европската Унија го усвои 21-от пакет санкции против Русија, кој, меѓу другото, дополнително го опфати и рускиот енергетски сектор.
Текстот Калас: Повеќе оружје и пари за Украина е најбрзиот пат до мир е превземен од МАКФАКС.














