Голем пожар избувна кај Милетино, во Општина Брвеница, и се заканува кон селото, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. За гаснење на пожарот се ангажирани „ер тракторите“, а на терен се и тетовските пожарникари.
Според Ангелов, пожарникарите се обидуваат да го гаснат пожарот во шумата, но станува збор за високоризичен и тешко пристапен терен, поради што е ангажирана и воздушна поддршка.
„Пожарот е комплексен и тежок за гаснење. Со сите сили ќе ги заштитиме населените места“, порача Ангелов.
Тешка останува состојбата и со пожарот кај Рамно, во Општина Чучер Сандево, кој веќе два дена се прави обид да биде ставен под контрола. Силниот ветер дополнително ја влошил ситуацијата.
Ангелов информира дека чадот и мирисот што се чувствуваат во делови од Скопје доаѓаат од пожарот кај Рамно и, според прогнозата на УХМР за ветер, ќе продолжат да се чувствуваат и во следните неколку часа.
На пожарот се дејствува со хеликоптер на полицијата и со скопските пожарникари, а ангажирани се и 30 припадници на Армијата кои помагаат огнот да не го премине патот.
„На сите позиции има луѓе. Пожарот е на стрмен терен, во длабок дол. Ќе биде проблем денес да се стави под контрола“, рече Ангелов.
Тој нагласи дека гаснењето ќе се одвива внимателно бидејќи во доловите има голема концентрација на чад, што не дозволува безбедна работа на екипите.
„Моето начело е ‘сејфти фрст’, за пожарникарите и за граѓаните. Пожарот ќе го гаснеме во деловите каде што може да се дише“, порача Ангелов.
Според последните информации, досега се регистрирани најмалку 30 пожари на отворен простор. Ангелов апелираше до граѓаните да бидат исклучително внимателни.
Текстот (Видео) Голем пожар кај Милетино се заканува кон селото, во Скопје се чувствува чадот од огнот кај Чучер Сандево е превземен од МАКФАКС.
















