Четири случаи со залутани зрна од огнено оружје биле пријавени во Скопје во текот на вчерашниот ден, при што е повреден 71-годишен маж, а оштетени се две возила и семејна куќа.

Во 13:43 часот од Градската општа болница „8 Септември“ било пријавено дека кај нив со повреда од огнено оружје бил донесен Х.Р. (71) од Кондово.

Според пријавеното, мажот се движел кон своето паркирано возило пред трговски центар на подрачјето на Општина Сарај кога бил погоден од залутано зрно од огнено оружје. Извршен бил увид, а за случајот бил известен јавен обвинител.

Истиот ден, 30-годишен државјанин на Финска пријавил дека на Бит Пазар било оштетено ветробранското стакло на неговиот паркиран „мерцедес“ со фински национални ознаки. Тој пронашол едно зрно од огнено оружје во внатрешноста на возилото и уште едно надвор од него.

Во Арачиново, пак, 49-годишен жител пријавил дека од залутано зрно било оштетено ветробранското стакло на неговиот паркиран „голф“, кој се наоѓал во дворот од неговата куќа.

Уште еден случај бил пријавен во Драчево, каде 37-годишен скопјанец пријавил дека од заталкано зрно од огнено оружје бил оштетен олукот на неговата семејна куќа.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите.

Текстот Опасност од залутани куршуми во Скопје: погоден човек, оштетени возила и куќа е превземен од МАКФАКС.