Од Генералниот секретаријат на Владата информираа дека лицето Д.Ц., осомничено дека барало 1.500 евра за посредување при вработување, во моментот на настанот работело како возач за потребите на Генералниот секретаријат.

„Ве известуваме дека лицето со иницијали Д.Ц. е уапсено за примање поткуп, на претходно обележани парични средства, по што е лишен од слобода“, соопштија од Генералниот секретаријат.

Оттаму наведуваат дека Д.Ц. бил вработен во Службата за општи и заеднички работи на Владата и извршувал задачи како возач за потребите на Генералниот секретаријат.

Според соопштението, акцијата била спроведена во соработка со службите на МВР, при што биле употребени обележани пари.

„Целата акција е дел од заложбите на Владата за бескомпромисна борба против корупцијата. Со овој случај се покажува дека законите важат за сите, се докажува волјата и целта на Владата да се бори против корупцијата“, велат од Генералниот секретаријат.

Претходно денеска, Јавното обвинителство соопшти дека е отворена истрага против лице вработено во Службата за општи и заеднички работи на Владата поради основано сомнение за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Според Обвинителството, постапката била иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот во периодот од 24 јули до 4 септември побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Како што соопшти Обвинителството, осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на граѓанинот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари.

На 4 септември осомничениот бил затекнат при примопредавање на 500 евра, како дел од побараните 1.500 евра. Парите претходно биле обележани.

Обвинителот побарал притвор поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците и опасност од повторување на кривичното дело. Судија на претходна постапка го прифатил предлогот и му определил притвор во траење од 30 дена.

Текстот Генералниот секретаријат се огласи за возачот фатен со обележани 500 евра е превземен од МАКФАКС.