Денеска во кумановската населба Зелен рид, започна акцијата за воспоставување на систем за примарна селекција на пластичен отпад и лименки.

Во првата фаза од проектните активности опфатени се 200 домаќинства, а акцијата ќе продолжи и во другите делови на градот, каде бесплатно ќе се распределуваат канти за примарна селекција на отпад.

„Акцијата за селекција на отпад во домаќинствата овозможува отпадот да се одвои уште на почетокот на неговото создавање, со што се подобруваат условите за негово понатамошно собирање и рециклирање. На тој начин ќе се намалат количините на отпад што завршуваат на депониите, поефикасно ќе се искористуваат ресурсите и постепено ќе се воведуваат принципите на циркуларната економија во секојдневните навики на граѓаните“, велат од Општина Куманово.

Проектот го спроведува Одделението за заштита на животната средина од Општина Куманово, во соработка со ЈП Чистота и зеленило, Министерството за животна средина и просторно планирање на РСМ, „Уно продукт”- Куманово и Центарот за климатски промени.

Активностите се дел од проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на Западен Балкан на локално ниво”, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas.

Текстот Општина Куманово започнува со воспоставување на систем за селекција на отпад е превземен од МАКФАКС.