Screenshot

Од утре, 1 септември, официјално започнува со работа првата линија од новиот проект „Градски воз“, додека официјалната промоција ќе се одржи во среда (2 септември) со почеток во 11:00 часот, информираат од Министерството за транспорт.

На настанот во среда се очекува да присуствуваат: Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заменик претседателот на Владата Александар Николоски, директорoт на ЈП МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски, директорот на МЖ Транспорт Дејан Кошутиќ, потоа градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓеоргиевски, градоначалникот на оштина Зелениково Коста Маневски, градоначалничката на општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митевски.

Според предвиденото, присутните симболично ќе го означат проектот “Градски воз” со патување со воз од железничката станица Зелениково до Нова железничка станица Скопје.

Според соопштеното, проектот “Градски воз” започнува официјално од утре ( 1 септември) на првата од трите предвидени линии и тоа: Зелениково- Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче и Нова железничка станица Скопје.

Железници Инфраструктура за потребите на проектот “Градски воз” изврши целосна реконструкција на пругата за да го подигне нивото и капацитетот на брзина на оваа релација, потсетуваат надлежните.

Сообраќајот на линијата Зелениково-Нова железничка станица Скопје ќе се реализира со три возови според точно утврден ред на возење кој го утврди МЖ Транспорт.

„Проектот “Градски воз” е идеја на оваа Влада со цел граѓаните на Скопје како од приградските места, така и од централниот дел да добијат побрз, поефикасен и подостапен јавен градски превоз. Целта е периферните делови на Скопје да се поврзат со централното подрачје на Градот, што ќе значи поевтино патување, пократко патување, помалку чекање и побрз јавен транспорт.

Особено значајно е што проектот “Градски воз” се интегрира и со сообраќајниот ред на возење на ЈСП и на тој начин се добива еден квалитетен, интегриран и ефикасен јавен превоз за граѓаните, студентите и учениците.

Да потенцираме дека во тек се работи и на проектирање на втората и третата линија од Градски воз, односно едната од Нова железничка станица преку Бутел – Скопје-Север до Ѓорче Петров и другата од Нова железничка станица преку Автокоманда- Маџари до Илинден“, соопшти Министерството за транспорт.

Текстот „Градски воз“ официјално стартува од утре, во среда со него ќе патуваат и Мицкоски и Николоски е превземен од МАКФАКС.