Лидерот на граѓанското движење „Национален минимум“, Ацо Велковски, упати остри критики до Владата поради, како што наведува, доцнењето со исплатата на субвенциите за житата од реколтата 2025 година.

„Субвенциите за житата од реколтата 2025 сè уште ги нема, а земјоделците се пред новата сеидба“, пишува Велковски, посочувајќи дека земјоделците цела година го чекаат исплаќањето, додека се приближува и новата исплата за 2026 година.

Тој ги обвини премиерот Христијан Мицкоски и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски дека земјоделците ги оставиле со ниска откупна цена, а сега ги принудуваат да чекаат и за субвенциите.

„Секој ден го јадете лебот од житото на македонските земјоделци — а нивниот труд сè уште не го плаќате!“, наведува Велковски.

Во својата реакција тој поставува прашање дали субвенциите ќе бидат исплатени пред почетокот на новата сеидба или, како што вели, повторно ќе се повтори истото сценарио.

„Премиере Мицкоски, министре Серафимовски: Ќе ги исплатите ли субвенциите конечно пред новата сеидба или повторно ќе гледаме ист филм — исти циркуси, исти глумци?“, прашува Велковски.

Тој реакцијата ја завршува со пораката: „35 години – држава со леб и сол.“