Бидејќи акциите на компанијата „Тесла“ паднаа за 8,6% во понеделникот, со што се намали богатството на Илон Маск за 15,2 милијарди долари, тој веќе не е најбогатиот човек во светот.
Маск, кој минатиот месец го надмина основачот на компанијата „Amazon“, Џеф Безос и ја доби титулата на најбогат човек во светот, се врати на второто место со богатство проценето на 183 милијарди долари, што е помалку од сегашното богатство на Безос проценето на 186,3 милијарди долари.
Падот на цената на акциите на компанијата „Tesla“ е најостриот еднодневен пат од септември и делумно беше предизвикан од твитовите на Маск поврзани со цените на биткоинтот и другите криптовалути. Акциите на „Tesla“ во вторникот паднаа за дополнителни 6% во претпродажба.
Биткоинот, кој достигна рекордна вредност од 58.000 американски долари во неделата, во вторникот наутро падна на 47.500 долари. Неговата цена, сепак, генерално се зголеми за повеќе од 500% во текот на изминатата година.
Маск минатата недела на својот твитер-профил објави дека одлуката на „Tesla“ да купи биткоини во вредност од 1,5 милијарди долари е одлука на компанијата која „не мора да го рефлектира неговото лично мислење“.
Од „Tesla“, сепак, рекоа дека компанијата „ја ажурирала својата инвестициска политика за да обезбеди поголема флексибилност за понатамошно диверзифицирање и максимизирање на приносите и да ѝ овозможи да инвестира во алтернативни резервни средства, вклучувајќи ги и дигиталните средства“.
Маск претходно „помогна“ да се зголеми популарноста на крипто-валутите, вклучувајќи ги и биткоините, со редовно твитање дека е „поддржувач“ на крипто-валутите.
Минатиот месец, цената на биткоинот порасна по изјавата на Маск во едно интервју, дека тој е приврзаник на таа криптовалута.
„Мислам дека биткоинот е добра работа во моментот, ја поддржувам таа валута, иако малку „доцнам на забавата“, но мислам дека биткоинот навистина е на пат да биде широко прифатен“, изјави Илон.