Блејк Лајвли ќе добие околу 400.000 долари за судски трошоци од Џастин Балдони по нивната судска битка поврзана со филмот „It Ends with Us“. Актерката првично побара речиси 8 милиони долари, но судот значително го намали нејзиното барање, објавува Дејли Меил.
Судијата Луис Лиман пресуди дека Лајвли има право на околу 363.000 долари за судски трошоци и дополнителни 44.000 долари за други трошоци, што вкупно изнесува нешто повеќе од 407.000 долари.
Судот отфрли дел од барањето
Лајвли побара надомест од речиси 7,5 милиони долари за судски трошоци и повеќе од 539.000 долари за дополнителни трошоци што ги имала додека ја бранела тужбата за клевета од 400 милиони долари на Балдони.
Сепак, судијата утврди дека некои од бараните износи се претерани. Тој конкретно забележа дека бројот на часови што нејзините адвокати ги наплатиле не е разумен и дека документацијата за трошоците не е доволно детална. Тој, исто така, го отфрли барањето за надомест на трошоците на нејзиниот ПР тим, тврдејќи дека односите со јавноста не биле клучен дел од одбраната против тужбата за клевета.
Правната битка помеѓу Лајвли и Балдони започна во декември 2024 година, кога актерката го тужеше својот колега и режисер на „It Ends with Us“ за наводно сексуално вознемирување на снимањето и клевета. Потоа Балдони поднесе контратужба од 400 милиони долари против Лајвли, нејзиниот сопруг Рајан Рејнолдс и „Њујорк тајмс“, кој прв ги објави нејзините обвинувања.
Судот подоцна ја отфрли тужбата на Балдони, додека Лајвли и Балдони постигнаа спогодба во врска со нејзините обвинувања во мај оваа година, без никаква финансиска исплата.
Текстот Блејк Лајвли побара 8 милиони долари од Балдони, судот ѝ додели само дел од нив е превземен од МАКФАКС.
















