Шпанската влада им се извини на жителите на Сеута за мигрантската криза што го погодува градот со недели и презентираше планови за реформа на законите за имиграција во земјата.

„Сакам да им се извинам на сите што можеби се чувствувале или сè уште се чувствуваат напуштени или недоволно опслужени. Од прва рака ја видов вашата вознемиреност, вашите чувства на напуштеност и несигурност“, изјави министерката за одбрана Маргарита Роблес пред парламентарната комисија.

Најмалку 72.000 мигранти преминаа од Мароко во Сеута, шпанска енклава во Северна Африка, на 30 и 31 јули. Повеќето од мигрантите пливаа околу граничната ограда, а најмалку 100 луѓе загинаа за време на масовното преминување, според градоначалникот на Сеута, Хуан Хесус Вивас.

Огромното мнозинство од мигрантите се вратија во Мароко во рок од неколку часа по нивното пристигнување, но неколку илјади остануваат во Сеута. Меѓу нив има деца, а повеќето спијат на отворено, на плажи или на улиците.

Социјалистичката влада на премиерот Педро Санчез се соочува со зголемен притисок да ја реши ситуацијата. Многу жители и локални власти во Сеута, град со 84.000 жители, предупредуваат дека ситуацијата е неодржлива.

Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка рече дека реформите треба да обезбедат Шпанија целосно да се усогласи со новите регулативи на ЕУ.

Една од промените ќе биде намалување на три дена на периодот во кој недокументиран мигрант може да помине низ медицинска, биометриска и правна проценка по пристигнувањето. Правилата на ЕУ дозволуваат овој процес да трае до седум дена.

Реформите, исто така, ќе воведат систем за обработка на барања за азил поделен во две категории, што, во теорија, би го забрзало обработувањето на случаите што се сметаат за итни.

Санчез ги обвини шверцерите и активности на социјалните медиуми за масовното преминување. Сепак, многу други го покажуваат прстот кон Мароко, кое во минатото беше обвинето дека ги користи своите граници со Сеута и Мелиља за да изврши притисок врз Мадрид или ЕУ за политички прашања.

„Кризата во Сеута не започна на 30 јули. Таа се развива со години и тоа го знаете затоа што знаете дека мароканските власти нè проценуваат со години, нашата способност да одговориме и нашата подготвеност да го сториме тоа“, рече Естер Муњоз од конзервативната Народна партија (PP), поставувајќи го прашањето на Роблес во парламентот.

Кризата предизвика загриженост во Шпанија во врска со претензиите на Мароко врз Сеута и Мелиља. Мароканскиот министер за правда, Абделатиф Уаби, минатата недела зборуваше за „историското и географското право“ на неговата земја врз градовите и предложи разговори со Шпанија за ова прашање.

Роблес пред парламентарниот комитет изјави дека нема да дозволи „ниту еден министер од која било влада, во овој случај Мароко, да го доведува во прашање шпанскиот статус на Сеута и Мелиља“.

 

фото/ЕПА

Текстот Шпанската влада им се извини на жителите на Сеута е превземен од МАКФАКС.