Во насока на континуирано подобрување на условите за воспитно-образовниот процес и создавање современа, функционална и пријатна средина за учениците, во ООУ „Ристо Крле“ во изминатиот период беа реализирани повеќе активности за уредување и опремување на училишните простории и дворот, извести Општина Илинден.
Увид во спроведените активностите изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој нагласи дека е извршено комплетно опремување на кабинетот по македонски јазик со нови клупи, столчиња, интерактивна смарт табла, фото тапет со македонската азбука, како и нови роло завеси, со што кабинетот доби современ и функционален изглед, прилагоден на потребите на наставата.

„Дополнително, реновирани се соблекувалните, каде се монтирани нови шкафчиња за безбедно чување на спортската опрема и личните предмети на учениците. Во училиштето е извршено и молерисување на просториите, со што дополнително е освежен и уреден училишниот простор.“ – истакна градаоначалникот Георгиевски.
Активностите опфатија и уредување на училишниот двор, каде се поставени камени клупи и маси со табли за шах, кои на учениците им овозможуваат нов простор за дружење, одмор и развивање на логичкото размислување преку игра.

Посетата на градоначалникот Георгиевски е дел од активностите за увид во подготвеноста на основните училишта на територијата на Општина Илинден во пресрет на почетокот на новата учебна година. Со реализираните активности и подобрените услови за настава и престој, ООУ „Ристо Крле“ подготвено ќе ги отвори вратите за учениците на 1 Септември, обезбедувајќи уредна, функционална и пријатна средина за успешен почеток на учебната година, се додава во соопштението на Општина Илинден.
Текстот Општина Илинден: Основното училиште „Ристо Крле“ подготвено за новата учебна година е превземен од МАКФАКС.



















