Најмалку 15 лица загинаа, а 130 се повредени во руски напад со дронови врз трговски центар во украинскиот град Криви Рих, соопштија локалните власти. Меѓу повредените има и 23 деца, а 29 лица се во тешка состојба.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговиот роден град бил нападнат во два бранови. Вториот напад, според него, се случил околу половина час по првиот, во момент кога спасувачките екипи веќе биле на местото на настанот.

„Русите изведоа апсолутно циничен и подол напад врз обичен трговски центар во Криви Рих“, рече Зеленски.

Олександр Вилкул, шеф на Советот за одбрана на Криви Рих, изјави дека вториот напад бил изведен со дрон од типот „Шахед“ со млазен погон и дека беспилотните летала се движеле на многу мала височина.

Регионалното обвинителство во Дњипропетровската област потврди дека бројот на загинати достигнал 15.

Вилкул соопшти дека 130 лица се повредени, а дел од луѓето сè уште се водат како исчезнати и со нив не може да се воспостави контакт. Украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец го обвини руското воено раководство дека намерно гаѓа места каде што се собираат цивили.

„Луѓето дошле во трговскиот центар да купуваат, да работат или да поминат време со своите најблиски. За Русија тоа не е важно“, рече Лубинец.

Според украинското Главно државно обвинителство, нападите се случиле околу 16:30 часот по локално време.

Министерот за внатрешни работи Иван Вихивски изјави дека полицијата и итните служби веднаш почнале со евакуација на посетителите, давање прва помош и гаснење на пожарот. Тој додаде дека интервенцијата била отежната поради постојаната опасност од нови напади, а пожарот зафатил околу една третина од вкупната површина на трговскиот центар. Целосниот обем на штетата и бројот на жртви сè уште се утврдуваат. Криви Рих, кој се наоѓа во Дњипропетровската област, повеќепати бил цел на руски напади од почетокот на целосната инвазија врз Украина.

На 4 април 2025 година руска балистичка ракета погоди област во близина на станбени згради и детско игралиште во градот. Тогаш загинаа 19 лица, меѓу кои девет деца, а 75 беа повредени.

Текстот Најмалку 15 загинати и 130 повредени: руски дронови погодија трговски центар во Криви Рих е превземен од МАКФАКС.