Американскиот претседател Доналд Трамп не го поддржа барањето на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Киев да му се дозволи да ја користи сателитската комуникациска мрежа „Старлинк“ надвор од територијата на Украина, објави британскиот „Фајненшл тајмс“.

Според весникот, за време на разговорот во Овалната соба, Трамп не дал јасен одговор на барањето на Зеленски, но, како што е наведено, очигледно е дека тој не го поддржал тој план.
Според истиот извор, Зеленски побарал од американскиот претседател да разговара за можноста за проширување на употребата на „Старлинк“ надвор од Украина со Елон Маск, сопственикот на компанијата SpaceX.

Британскиот „Фајненшл тајмс“ наведува дека најновото барање на Зеленски доаѓа во време кога Киев се обидува да обезбеди поголеми можности за употреба на беспилотни системи на долги растојанија.

Украинските сили, според претходните извештаи, мора однапред да програмираат дел од рутата на дронот поради ограничувањата на „Старлинк“ и недостатокот на други технички средства.

Воздржаноста на Трамп кон новото барање на Киев отвора дополнително прашање за тоа до кој степен Вашингтон ќе ја поддржи експанзијата на американската технолошка инфраструктура за потребите на украинските воени операции.

Текстот Трамп не го поддржа барањето на Киев за користење на „Старлинк“ во Русија е превземен од МАКФАКС.