Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја критикуваше Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган, откако таа земја издаде меѓународна потерница за апсење на Нетанјаху.

Во соопштението од кабинетот на премиерот беше наведено дека Ердоган „сега се обидува да ја прошири својата агресија против Израел во Сирија“ и дека Израел нема да го толерира тоа.

Објавата следеше по израелскиот напад врз сириска воздухопловна база, кој Израел го изврши поради загриженост за потенцијално распоредување на турски трупи во Сирија.

Кабинетот на Нетанјаху ги повтори претходните израелски обвинувања против Ердоган, нарекувајќи го „антисемитски диктатор“ и обвинувајќи го за прогон на Курдите, засолнување на членови на Хамас, окупирање делови од Кипар и затворање новинари и политичари кои му се спротивставуваат.

Кабинетот оцени дека обидот на Ердоган да ги „заплаши“ израелските лидери и војници „не води никаде“.

Во посебно соопштение на хебрејски јазик беше наведено дека Израел ќе продолжи да дејствува против обидите на Турција да го дестабилизира регионот и против секоја закана за неговата безбедност.

Како што претходно беше објавено, Турција издаде меѓународна потерница по Нетанјаху како дел од истрагата за пресретнувањето од страна на Израел на флотила активисти што пловеше кон Газа, објави „Тајмс оф Израел“.

Текстот Кабинетот на Нетанјаху остро му одговори на Ердоган по налогот за апсење е превземен од МАКФАКС.