На 20 август Апелациониот суд во Штип ја потврди одлуката на Основниот суд во Кочани, со која на Ива Михаилова ѝ беше оневозможено да го добие потребното лекување надвор од Република Северна Македонија. Особено загрижува тоа што при донесувањето на одлуката за одбивање очигледно не им било посветено потребното внимание на заклучоците на надлежната домашна здравствена установа во врска со сериозноста на здравствената состојба на Ива, на пропишаното лекување, како и на фактот дека тоа не може да ѝ биде обезбедено во Северна Македонија, јавува Министерството за надворешни работи на Бугарија,пренесува Трибуна .
Потребната медицинска интервенција не претставува изборно лекување или постапка што се спроведува по желба на пациентот. Специјалистите во Бугарија и во Северна Македонија ја утврдиле како неопходен дел од лекувањето на тешката здравствена состојба на Ива. Таа треба да биде извршена со цел да се спречи натамошно влошување на здравјето на младата македонска Бугарка, вклучително и појавата на неповратни последици.
Особено неразбирлив е нехуманиот пристап при кој потребата од лекување се доведува во прашање поради недостиг на докази дека најтешките можни последици веќе настапиле.
Потсетуваме дека смислата на навременото лекување е токму да го спречи настапувањето на овие последици, а не да се чека тие да се остварат за судот да го признае постоењето медицинска неопходност.
Продолженото одложување добива уште посериозно значење поради природата на здравствената состојба на Ива и ризикот со текот на времето да бидат ограничени можностите за успешно лекување и закрепнување.
Министерството за надворешни работи веќе презеде итни мерки во рамките на своите надлежности за заштита на правата на Ива Михаилова и ќе продолжи да ги користи сите расположливи дипломатски и правни механизми со цел да ѝ се овозможи навремено да го добие потребното лекување, стои во соопштението на бугарското МНР.


















