Screenshot

Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ ги отвори трите први значајни јавни повици со кои започнува процесот на создавање на официјалната програма на Скопје 2028.

Станува збор за повици за доставување проектни предлози, за ангажирање домашни и меѓународни експерти за советодавна и програмска поддршка, како и за избор на независни домашни и меѓународни евалуатори кои ќе учествуваат во оценувањето на проектните предлози, а преку кои истовремено се воспоставува и професионален и независен механизам за подготовка и оценување на програмата.

Првиот повик е наменет за уметници, културни организации, јавни институции, универзитети, граѓански организации, креативни професионалци, културни оператори, претставници на креативните индустрии, локални заедници од Македонија, земјите членки на ЕУ и други земји подобни за учество во програмата, кои имаат проектна идеја што може да стане дел од официјалната програма на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028

Проектите се поделени во три категории според нивниот обем и финансиска вредност. За мали проекти предвидена е поддршка од 3.000 до 9.999 евра, за средни проекти од 10.000 до 24.999 евра, додека за големи проекти финансиската поддршка изнесува од 25.000 до 150.000 евра.

„Од проектите се очекува да придонесуваат кон програмските цели на Скопје 2028, да имаат јасна европска димензија, да поттикнуваат соработка и вклученост на граѓаните и да придонесуваат кон развојот на културниот живот и долгорочното наследство на градот. Официјалниот повик ги опфаќа петте програмски линии на Скопје 2028: Art4Hope, Togetherness, rECOvering, CreARTing и Heritage“, велат од Фондацијата.

Вториот јавен повик е за домашни и меѓународни независни експерти кои ќе бидат вклучени во Регистарот на експерти за советодавна и програмска поддршка на програмата „Скопје 2028“. Експертите ќе можат да бидат ангажирани согласно нивната област на професионална експертиза и потребите на Фондацијата во различни фази од развојот и реализацијата на програмата.

Повикот опфаќа експерти од области како уметничко програмирање и курирање, современа уметност, европска културна соработка, развој на публика, културно наследство, културен туризам, креативни индустрии, инклузија, работа со млади, одржливост, мониторинг и мерење на влијанието. Кандидатите треба да имаат најмалку пет години релевантно професионално искуство, а искуството со Европски престолнини на културата, Creative Europe и други меѓународни културни програми ќе се смета за предност.

Третиот јавен повик е за независни домашни и меѓународни експерти – евалуатори, кои ќе бидат дел од Регистарот на независни експерти – евалуатори на Скопје 2028. Нивната задача ќе биде независно, објективно и професионално да ги оценуваат проектните предлози доставени во рамки на јавните повици за програмата.

За евалуаторите се бараат најмалку пет години релевантно професионално искуство, одлично познавање на англискиот јазик, способност за работа со дигитални алатки и онлајн платформи за евалуација, како и професионална независност и отсуство на конфликт на интереси. Предност ќе имаат експерти со искуство во програмите на Европската Унија, Creative Europe, Европските престолнини на културата, меѓународната културна соработка, грант-шеми и независна евалуација на проекти.

„Со отворањето на овие три јавни повици започнува една од најважните фази во подготовката на Скопје 2028. Сакам да ги повикам сите уметници, културни работници, организации и институции да ги достават своите идеи и проекти, а домашните и меѓународните експерти да го понудат своето знаење и искуство. Нашата цел е да создадеме квалитетна и современа програма во која ќе има простор за различни идеи, уметнички изрази и партнерства, но и јасни професионални критериуми во процесот на селекција. Затоа, паралелно со повикот за проекти, отвораме и повици за експерти и независни евалуатори. Верувам дека токму преку отворен процес и вклучување на што поголем број луѓе можеме да создадеме програма достојна за Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година и за европското значење на оваа титула“, изјави Марјан Цветковски, директор на Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.

Скопје 2028 ја гради својата програма во духот на мотото „Culture Over Division“, со фокус на културата како простор за соработка, поврзување и создавање нови партнерства меѓу луѓето, заедниците и европската културна сцена.

Деталните услови за учество, критериумите, роковите и начинот на аплицирање за сите три повици се објавени на официјалната веб-страница на Фондацијата: www.skopje2028.mk.

Текстот Поддршката е од 3 до 150.000 евра: Отворени три клучни повици за уметници, експерти и евалуатори за „Скопје 2028“ е превземен од МАКФАКС.