Screenshot

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани денеска престојува во Охрид, во прва работна посета на институциите од областа на културата по неговото назначување на функцијата. Во Охрид Сулејмани ги посети Центарот за култура и библиотеката „Григор Прличев“, како и Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид.

Директорите на установите го информираа министерот за тековното работење, но и за состојбите и проблемите со кои се соочуваат во секојдневно работење. За време на разговорите посебно внимание беше посветено на програмите и проектите што институциите ги подготвуваат за следната година, а кои се дел од нивните предлог-програми во рамки на Годишната програма на Министерството за култура и туризам. Директорите ги презентираа своите планови и приоритети, како и потребите за унапредување на условите за работа, реализација на квалитетни програмски содржини, нови проекти и создавање можности за поголема достапност на културните содржини до граѓаните и посетителите.

Сулејмани го истакна значењето на Охрид како еден од најзначајните културни центри во државата, со исклучително богато културно наследство, но и со динамичен и препознатлив современ културен живот. Тој посочи дека воспоставувањето директна и континуирана комуникација со културните институции е една од неговите заложби, со цел преку непосреден увид во работата да се согледаат реалните потреби и заеднички да се утврдат приоритетите за нивен натамошен развој.

„Охрид има посебно место во македонската култура. Тука се среќаваат богатото културно наследство, традицијата и современото творештво. Нашата обврска е да го зачуваме она што го наследивме, но истовремено да создаваме услови културата да живее, да се развива и да биде достапна до сите. Тоа можеме да го постигнеме само со силни институции и со партнерски однос со луѓето кои секојдневно го создаваат и го чуваат културниот живот“, рече Сулејмани.

Тој нагласи дека Министерството за култура и туризам останува посветено на поддршка на работата на културните установи, особено во делот на квалитетните програмски содржини, заштитата и афирмацијата на културното наследство и создавањето услови за современ културен развој.

Работната посета на Охрид следуваше по синоќешното присуство на министерот Сулејмани на завршниот концерт со кој беше заокружена музичката програма на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Текстот Сулејмани во Охрид: средба со културните институции и приоритети за нивниот развој е превземен од МАКФАКС.