Франција регистрираше 1.243 смртни случаи за време на топлотниот бран, кој траеше од 3 до 22 јули. Податоците денеска ги објави тамошното Министерство за здравство врз основа на проценки од 5.000 општини, а ги објавија француските медиуми.
Францускиот весник Ouest-France пишува дека ова е зголемување на вкупната смртност од сите причини за време на периодот на екстремна топлина. Зголемувањето беше сепак околу четири пати помало отколку за време на претходниот топлотен бран, од 17 јуни до 2 јули, кога земјата регистрираше речиси 5.800 смртни случаи повеќе од просекот.
За споредба, пократкиот топлотен бран кон крајот на мај донесе околу 300 дополнителни смртни случаи. Податоците, исто така, покажуваат значителни регионални разлики: додека југоистокот и Корзика не забележаа зголемување на смртните случаи во јуни, регионот на Париз, Гранд Ест и Пеи де ла Лоара беа особено тешко погодени.
Гијом Буланже, раководител на одделот за квалитет на животната средина во Француската агенција за јавно здравје, рече дека точните причини за зголемувањето на смртните случаи сè уште не се познати. „Ќе бидат потребни посебни анализи на смртните изводи за да се испитаат точните причини и карактеристики“, рече Буланже.
Франција беше погодена од уште еден топлотен бран во август, кој сè уште трае на југоистокот од земјата. Целосните бројки за смртноста во текот на летото 2026 година се очекуваат во септември, по што ќе следи конечна проценка. Во текот на 2025 година, три топлотни бранови предизвикаа 1.900 смртни случаи, а вкупно 5.700 смртни случаи поврзани со топлина беа регистрирани во текот на летото.
фото/Depositphotos
Текстот Речиси три недели екстремна топлина во Франција, 1.243 смртни случаи поврзани со топлотниот бран е превземен од МАКФАКС.















