Министерот за правда, Јетон Шасивари, денеска оствари работна средба со претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, на која беа разгледани клучни прашања поврзани со унапредувањето на системот за правда за децата.

На средбата беше истакнато дека најдобриот интерес на детето останува главен приоритет, во согласност со Конвенцијата за правата на детето.

Особено внимание беше посветено на имплементацијата на Законот за правда за децата и на потребата од континуирано зајакнување на капацитетите на сите субјекти во системот за правда за децата.

Новиот Закон ја нагласува потребата од специјализација на професионалците кои работат со деца, поради што од особено значење е продолжувањето на обуките за правните професионалци за соодветен третман и заштита на децата – жртви или сведоци на насилство и криминал, како и за примена на пристапите на ресторативната правда. Подзаконските акти се уште еден важен чекор во практичната имплементација на Законот, бидејќи обезбедуваат јасни процедури, стандарди и алатки за доследно спроведување на неговите принципи.

На секое дете му е потребен правосуден систем што ги препознава неговите потреби, ги штити неговите права и му овозможува реален и еднаков пристап до правда.

Министерството за правда останува посветено на унапредувањето на системот за правда за децата и на создавањето институционални услови во кои правата на секое дете ќе бидат целосно почитувани и заштитени.

Текстот Шасивари – Милер: Наш приоритет е најдобриот интерес на детето е превземен од МАКФАКС.