Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук профил упати јавен повик за политичко и општествено обединување, без разлика на партиската припадност.

Велковски ги повикува поранешните градоначалници, министри, заменици, пратеници, директори, функционери, но и сите чесни и одговорни граѓани, како што наведува, да ги надминат поделбите на „наши“ и „ваши“ и да се обединат околу заедничка цел – подобра, посилна и поуспешна Македонија.

„ПОВИК ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ

Почитувани колеги, почитувани поранешни градоначалници, министри, заменици, пратеници, директори, функционери и СИТЕ ЧЕСНИ И ОДГОВОРНИ ЛИЃЕ, без разлика од која политичка партија доаѓате,

Време е да престанеме да се делиме на „наши“ и „ваши“ и да започнеме да се обединиме околу она што треба да ни биде заедничка цел – подобра, посилна и поуспешна Македонија.

Затоа јавно ве повикувам сите да се приклучиме кон идејата за национален минимум – јасни и реални принципи и цели околу кои можеме да постигнеме заеднички договор, без разлика на партиската припадност.

Не смееме повеќе да дозволиме политиката да биде заробена во старите поделби, застарените модели, политичките улоги и истите политички лица кои со децении си ги менуваа местата и функциите, а државата остана без суштински напредок.

По 35 години, Македонија заслужува нова енергија, зголемена одговорност и нов пристап во политичкото дејствување.

Ве повикувам да не подлегнувате на наративите на истрошени кадри кои до сега ги интересираше исклучиво личниот профит и лично збогатување, а кои сега, по децении во политиката, тврдат дека сега знаат како треба да се води државата.

Ова не е повик против некого. Ова е повик за Македонија.

Ве повикувам јавно да се охрабриме, да седнеме на заедничка маса и да го утврдиме заедничкиот пат. Да ги ставиме државните интереси пред партиските, иднината пред суетите и резултатите пред празните ветувања.

Да создадеме „национален минимум“.

Да воспоставиме нови правила и да отвориме нов пат.

Време е за обединување!“