Во насока на унапредување на здравствената и социјалната заштита на локално ниво, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и потпретседателката на Здружението посветено на пациенти со рак и нивни негователи „ХЕМА-ОНКО“, Милица Кузманоска, денеска ставија потпис на Меморандум за стратешка соработка.
Како што известува Општината, овој значаен документ, како примарна цел има подигнување на јавната свест за превенција, рано откривање и навремено лекување на малигните заболувања.
Соработката предвидува широка палета на хуманитарни, едукативни и превентивни активности кои ќе се реализираат во директен интерес на граѓаните. Особено е значајно што претставници на Здружението „ХЕМА-ОНКО“ активно ќе бидат вклучени во консултативните процеси и работните групи при подготовката на локалните програми поврзани со здравството и социјалната заштита во општината.
„Здравјето и добросостојбата на граѓаните секогаш се во фокусот на нашата локална самоуправа. Борбата со малигните заболувања не е товар што треба да се носи поединечно, туку колективна обврска во која институциите имаат должност да бидат најсилен потпирач. Со овој Меморандум со „ХЕМА-ОНКО“, ја зацврстуваме рамката за континуирана едукација и превенција, но пред сè, испраќаме силна порака до пациентите и нивните семејства: не сте сами. Нашата цел е преку заеднички активности да обезбедиме уште поголема поддршка и конкретна помош за нашите сограѓани“, истакна градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.

Партнерството меѓу Општина Кисела Вода и „ХЕМА-ОНКО“ќе се реализира преку заедничко планирање и организација на едукативни трибини, работилници, јавни дебати и кампањи. Дополнително, документот отвора можност за здружено аплицирање на домашни и меѓународни повици за финансирање проекти кои се од заеднички интерес, се додава во соопштението на Општината.
Текстот Општина Кисела Вода и „ХЕМА-ОНКО“ потпишаа Меморандум за поддршка на пациентите со малигни заболувања е превземен од МАКФАКС.




















