Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил повторно побара одговори од премиерот во врска со наводите за материјал од поранешната топилница во Велес кој, според неговите тврдења, завршува на адреса во Антверпен, Белгија.

Во објавата насловена „ПРЕМИЕРЕ, ОДГОВОРЕТЕ ЗА ВЕЛЕС – БЕЛГИЈА“, Велковски потсетува дека уште на 3 август поставил прашање дали премиерот за време на посетата на Белгија ќе ја посети адресата Adolf Greinerstraat 14, Antwerpen, каде, како што наведува, завршува материјал од поранешната топилница во Велес.

,,ПРЕМИЕРЕ,

ОДГОВОРЕТЕ ЗА ВЕЛЕС – БЕЛГИЈА

На 3 август ве прашавме:

Дали за време на вашата екскурзија во Белгија ќе ја посетите адресата:
-Adolf Greinerstraat 14, Antwerpen, каде завршува материјал од поранешната топилница во Велес?

Вчера, наместо конкретен одговор, се повикавте на семејна посета и историски контекст на друга држава.

Сепак, изучување на историјата на друга држава, не може да биде замена за одговорност.

Дополнително, не е соодветно да се користат сопствените деца во политички одговори.

Затоа повторно поставуваме јасни прашања:

-Дали ја посетивте наведената адреса?
– Дали побаравте документација за потеклото и количината на материјалот?
– Колкава количина материјал е изнесена од Велес и кој го одобрил тоа?
– Кои институции ги издале дозволите и каде се тие документи?
-Доколку сè е законски регулирано, нема од што да се плашите – одговорете.

Се споменуваат конвои и материјал со вредност и до милион евра по камион, постои шпедитерска документација.“