Четири лица се уапсени под сомнение дека предизвикале пожари на подрачјето на Задарската жупанија во Хрватска, соопшти денеска задарската полиција.
Како што е наведено во полициското соопштение, лицата биле уапсени откако граѓани пријавиле сомнително возило и однесување. Четворицата се приведени синоќа на поширокото подрачје на Бенковац, а полицијата спроведува криминалистичка истрага за нивната можна поврзаност со предизвикувањето пожари во задарската област, објави „Индекс“.
Во Хрватска, за предизвикување пожар од небрежност е предвидена парична казна од 260 до 1.990 евра.
За намерно предизвикување пожар е предвидена парична казна од 1.990 до 19.900 евра или затворска казна до 60 дена. Доколку пожарот доведе до загрозување на човечки животи или предизвика голема материјална штета, сторителите може да добијат и повеќегодишна затворска казна до 15 години.
Поголемите пожари во Задарската жупанија се локализирани, но пожарникарите и натаму дежураат на пожариштата и ги натопуваат нивните рабни делови за да спречат повторно активирање на огнот.
Командантот на Противпожарната заедница на Задарската жупанија, Матеј Рудиќ, изјави дека и натаму се дежура на пожариштата во Нински Станови и Жерава, на подрачјето на Галовац и Пркос, како и на Дуги Оток, каде што пожарот изби во петокот навечер.
Најголем пожар во моментов е на Дуги Оток, каде што пожарникарите мора постојано да ги натопуваат рабните делови на опожареното подрачје.
Пожарникарите вчера и во текот на изминатата ноќ интервенираа и при гаснење на повеќе пожари на подрачјето на Бенковац.
Пожари избија во Биљани, Лишани Тињски, Запужане, Заград, Добропољци, во Биоград на Торови и во Привлака. Благодарение на брзата интервенција, сите пожари беа ставени под контрола за кратко време.
Четворица пациенти коишто тешко настрадаа во пожарот кај Омиш во ноќта меѓу 13 и 14 август и натаму се во животна опасност и се лекуваат во Клиничко-болничкиот центар во Сплит, соопшти денеска болницата.
„Нивната состојба е непроменета, се наоѓаат на одделот за интензивно лекување и се во животна опасност“, изјави за Хина портпаролката на сплитскиот КБЦ, Кристина Битанга.
Во сплитскиот КБЦ се лекуваат и уште седум пациенти повредени во пожарот, но тие се надвор од животна опасност и се сместени на повеќе болнички оддели.
Четворицата тешко повредени во пожарот кај Омиш, коишто првично биле примени во сплитскиот КБЦ, претходно биле префрлени на лекување во Загреб.
Текстот Хрватската полиција уапси четворица осомничени за предизвикување пожари кај Задар е превземен од МАКФАКС.














